Денеска и утре во Љубојно продолжуваат традиционални „Љубански Илинденски иселенички средби”

33

Во преспанското село Љубојно, во дворот на старото училиште „Димитар Влахов“ каде се одржал првиот час по македонски јазик, традиционално, денеска и утре ќе се одржат 48. „Љубански Илинденски иселенички средби“.

Годинашната манифестација е посветена на великанот на македонскиот јазик Блаже Конески, во чија чест ќе биде промовирана стихозбирката „Раѓање“ од Бошко Рајчовски – Пелистерски од Детроит, САД. На промоцијата ќе говори професорката Виолета Ачковска. Според најавите на организаторот, настанот ќе почне со изведба на македонската химна, а поздравни обраќања предвидено е да имаат градоначалник на Општина Ресен Живко Гошаревски и директор на Агенцијата за иселеништво Слободан Близнаковски.

Најавена е промоција на последниот труд на Славе Катин од Љубојно „Преспанска разгледница“, монографијата за семејството „Видиновски“ од Торонто, Канада, посветено на познатата македонска поетеса Рада Видиновска и монографијата „Бошко Рајчовски – Пелистерски“, за истоимениот иселеник од Љубојно. Организаторот најави и настап на културно уметничките друштва „Гоце Делчев“ од Битола и „Новаци“ од Новаци, како и настапи на групата „Персиди“, Елена Велевска, Елена Јовческа, Соња Ристевска, Снеже Радичевска, Благојче Стојановски – Туше и Ташко Каранфиловски.