Денеска е Светски ден на смеата: Подарете некому насмевка!

132

„Смеата е најдобриот лек“ е крилатица со која Индиецот Мадан Катаира во 1998 година го втемелил Светскиот ден на смеата, кој се слави двапати годишно – на 10 јануари и 2 мај и докажал дека смеата е најдобриот лек против многу болести, првенствено против стресот, што е болест на современиот свет.

Ако организмот е под стрес, нивото на кортизол и адреналин се зголемува, што може да предизвика висок крвен притисок и запушување на артериите, а истражувањата покажуваат дека смеата предизвикува посебни физиолошки промени кои му помагаат на организмот.

Поради смеата луѓето се чувствуваат поубаво, бидејќи таа ги ослободува од стресот, го подобрува општото расположение и го зајакнува имунитетот. Токму затоа, и лекарите, меѓу другите, препорачуваат што повеќе да се смееме.

При смеењето, во телото на човекот се активираат 80 мускули, а 17 од нив се на лицето. Според одредени стручни мислења, неколку минути смеење имаат ист ефект како и 15 минути возење велосипед. Покрај тоа, смеењето го поттикнува лачењето ендорфин – хормонот на среќата.

Истражувањата покажуваат дека возрасните се смеат околу 17 пати на ден, а децата тоа го прават околу 300 пати на ден. Жените почесто ги засмеваат мажите, отколку мажите – жените.

Порано луѓето се смееле во просек 18 минути на ден, а денес тоа е сведено на само шест минути.