Демант на Општина Кисела Вода на прес-конференцијата на советниците на СДСМ

    2002

    Во врска со изнесените невистини на прес конференција од страна на советниците на СДСМ од Советот на Општина Кисела Вода, а во насока на точно и вистинито информирање на јавноста, сакаме да реагираме со следниот демант.

    Имено, на денешната средба координирана од раководството на Општина Кисела Вода и на Град Скопје, беа присутни претставници на јавните претпријатија и секторите при Градот од една страна и претставници на урбаните и месните заедници од општина Кисела Вода. Настанот е во насока на мапирање на проблемите што ги имаат жителите на Кисела Вода, а се во надлежност на Градот Скопје, со цел нивно побрзо решавање.

    Токму затоа, на раководителите на секторите од кои најчесто има поплаки, а кои имаат ингеренции да ги решаваат, им овозможивме во прво лице да слушнат за нив од најзасегнатите, од лицата кои секојдневно се на терен со жителите на Кисела Вода. Се дискутираше, се понудија конкретни решенија, се утврдија насоките по кои ќе се одвива комуникацијата за да се подобри динамиката на делување. Впрочем, доколку самите советници на СДСМ останеа до крајот, ќе слушнеа за договореното.

    И нив, а и цела јавност, сакаме да ги информираме дека градоначалничката на Скопје, Арсовска, сите евидентирани проблеми ги доби од Општина Кисела Вода како печатен материјал, бидејќи градоначалникот Ѓорѓиевски има редовна пракса да добива вакви неделни извештаи од страна на Секторот за месна самоуправа. Впрочем таа, во своето обраќање наведе повеќе детали од доставениот извештај и даде насоки за понатамошно постапување.

    Воедно, најави дека ваквите средби како денешната ќе бидат редовна пракса. За потсетување, претходниот градоначалник на Град Скопје, Шилегов, за сите четири години, не направил ниту една ваква координативна средба.

    Почитувани, желбата СДСМ да прави скандал од настан кој има за цел побрзо решавање на проблемите на граѓаните говори само за начинот на кој делува оваа партија. За да го покријат своето долгогодишно неработење, решени се да измислуваат, да манипулираат и да дефокусираат, бидејќи ним не им се важни граѓаните, туку желбата да се биде на власт, а да не се работи ништо.

    Уплашени од новите ветришта во Кисела Вода, од реализираните проекти, од задоволството на граѓаните, тие дефокусираат со евтини приказни во кои никој не верува. Впрочем, да говориме со факти. За време на целото четиригодишно владеење на Петре Шилегов, како нивен најдобар избор за градоначалник на Град Скопје, од кои беа толку задоволни што дури му понудија и уште еден мандат, Кисела Вода беша најмаргинализираната од сите скопски општини.

    За ова, говори и одговорот на советничко прашање на поранешната Претседателка на Советот на Град Скопје, која е исто така од СДСМ, во кој признава дека во другите општини како на пример Центар, Сарај и Карпош инвестирале стотици милиони денари, а за Кисела Вода за сите 4 години биле одвоени едвај 37 милиони денари, како финансиско учество за реконструкција на ДУРИ ЕДНА улица. Воедно, сакаме да информираме дека оној проект за кој ја лажат јавноста дека е прекинат, изградбата на булеварот Борис Трајковски кон населба Драчево, е во фаза на експропријација на приватното земјиште, кое во најголем процент е во сопственост на деловни субјекти. Со други зборови, сега се прави она што Петре Шилегов не го направи.

    Да не говориме пак за непостоечките проекти на Филип Темелковски и состојбата во која ја затекнавме општината. Со факти, со реализиција, известуваме дека во првите 100 дена во Кисела Вода, се сработени повеќе проекти од сите заеднички проекти на градоначалниците на СДСМ. Замислете го лицемерието кога лица од оваа партија говорат за неработење и неспособност, па уште и тука, во Кисела Вода!

    Сакаме да ве известиме дека колку и тоа некому да не му одговара, Општина Кисела Вода ќе продолжи со работа. И самостојно ќе реализира проекти, но и со поддршка од Градот Скопје. За тоа се дискутираше денес на средбата во кабинетот на градоначалникот Ѓорѓиевски. И ќе правиме се што е во насока на подобрување на условите за живеење на нашите жители, за што впрочем, сме избрани од нив.