Дел од сточарите во пехчевско Робово успешно го завршија откупот на јагне

358

Семејството Мачевски од пехчевското село Робово е едно од ретките кое годинава успеа навреме да го пласира јагнето по солидна цена од 145 денари за килограм жива мера. За Александар Мачевски сточар од Робово, цената е добра ако се има предвид дека на други места во Малешевијата најмногу што може да се добие е 100 денари за килограм жива мера, додека некои сточари како што додава не успеале да најдат пласман.

-Ние сме сопственици на познатата фарма „Мачевските деца”. Главно занимање ни е сточарството. Одгледуваме 240 овци и 24 крави. Оваа година поминавме добро со јагнето. Ги продадовме по цена од 145 денари за килограм жива мера. Можеме да кажеме дека сме единствени во Малешевијата кои ги продадовме по оваа цена. Во разговор со наши колеги ситуацијата на други места не е таква. По 100 денари им ги откупуваат јагнињата, што е би рекле многу жално, вели Мачевски.

Семејството Мачевски е задоволно и од прозиводството на сирење, кое е доста е барано, а годинава како што додава сточарот Александар завршило на домашните трпези во неколку градови во државата.

-Произведуваме чисто еколошко сирење, а најмногу побарувачка имаме од градовите Кочани, Македонска Каменица и Дојран. Цената се движи до 350 денари за килограм сирење. За работата како сточари можеме да кажеме дека не е лесна, ама без работа „нема леб”, додава Мачевски.

Ова семејство одгледува и пашитни крави. Оваа година добро поминале со телињата чија продажна цена достигнала 135 денари за килограм жива мера.

Во пехчевско Робово моментално со сточарство се занимаваат 25 луѓе. Вкупниот број на овци изнесува 650 додека 850 е бројот на крави кои се главна егзистенција за дел од тамошните сточари.

Извор:МИА