Дел од рамниот покрив на ГТЦ стана зелена оаза, кафуле нема, а дали ќе се постави зависи од директорот

215

На зелениот покрив се засадени 3.656 дрвја од преку 60 видови, со тревнати површини и фонтани со водоскоци кои треба да ја намалат температурата на покривот за 16 до 22 степени Целзиусови од таа што вообичаено била. – На зелениот кров не е спорно да има и кафуле, но за тоа ќе одлучува понатаму директорот на ГТЦ. Ако одлучи да постави таков тип на дополнителна вредност на овој кров тоа ќе биде веќе нивна проблематика, рече градоначалникот Петре Шилегов

Дел од рамниот покрив на Градскиот трговски центар (ГТЦ) стана зелена оаза со многу зеленило, фонтани, базени, монтажна бина, амфитеатрални скали, партерно шаховско поле, клупи за седење и патеки. Ама нема кафуле, како што беше предвидено со првичниот план.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов не го криеше задоволството што по неколкумесечна работа е пуштен во употреба тој јавен простор кој очекува да си го заземе своето место во т.н. „скопски приказни”.

– Интензивно го враќаме зеленилото во Малиот ринг бидејќи наш императив е чист воздух и чиста животна средина. Се надевам дека на овој простор полека ќе се раѓаат убави спомени за нашите сограѓани – потенцира Шилегов.

Овој проект кој тежи 550.000 евра е финансиран од Град Скопје и имплементиран со поддршка од УНДП. На зелениот покрив се засадени 3.656 дрвја од преку 60 видови, со тревнати површини и фонтани со водоскоци кои треба да ја намалат температурата на покривот за 16 до 22 степени Целзиусови од таа што вообичаено била.

– Со тоа, температурите на околината можат да се намалат до 3 степени Целзиусови, при што потрошувачката на електрична енергија потребна за ладење би се намалила за 0,7% – изјави Шилегов.

Сумата за зелениот покрив, според Шилегов, не е надмината, а во таа цена надвор од зеленилото се вклучени и градежните и изолациските работи, а на инсистирања на јавноста се направи и адаптација на самиот проект. Во однос на кафетеријата што требаше да се изгради на покривот на ГТЦ, Шилегов посочи дека поради предизвиканите контроверзии работеле по проектот што бил усвоен, но управувањето со нов деловен простор е работа на ГТЦ.

– На зелениот кров не е спорно да има и кафуле, но за тоа ќе одлучува понатаму директорот на ГТЦ. Ако ГТЦ одлучи да постави таков тип на дополнителна вредност на овој кров тоа ќе биде веќе нивна проблематика и ќе оди во рамките на деловното работење на самиот трговски центар. Вкусови се во прашање – објасни Шилегов и додаде дека со одлука на градот беше демонтирана градбата за која тврдеа дека била планирана за системот за наводнување и тоалети.

Постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан рече дека иницијативата за изградба на овој зелен покрив не била само за да креираат убаво зелено место, туку имала широко значење односно анализата на жешките урбани острови покажала дека ГТЦ е едно од најжешките локации во Скопје.

(С.Бл.) – Фото: Н.Батев