Граѓаните од вчера напладне на веб-страницата kupuvamdomasno.gov.mk можат да проверат дали ќе добијат домашна платежна картичка за купување исклучиво домашни производи и услуги. Како што информира вчера министерката за финансии Нина Ангеловска на списокот се 350 илјади корисници, на чии картички ќе има вкупно 27,8 милиони евра.

Од нив 113.927 се граѓани со низок доход, приматели на социјална помош и активни баратели на работа. Тие ќе добијат картички со 9.000. Во втората група се 117.144 вработени чии месечни нето плати и додатоци не надминуваат 15.000 денари. За нив се прават картички со 3.000 денари. Картички со иста сума ќе добијат 87.014 средношколци и студенти на возраст од 16 до 29 години. Сума еднаква на 40 проценти од последната нето плата што ја примиле на картичките ќе добијат здравствените работници ангажирани во справување со ковид-19.

-Со овие средства ќе се поддржат таргетираните категории граѓани, ќе се поттикне потрошувачката на домашни производи и услуги и преку вбризгување на 28 милиони евра ќе се поттикне економската активност. Ова ќе придонесе за ревитализирање на македонската економија во услови на ковид-19, истакна министерката Ангеловска и додаде дека со користењето на картичките за краток временски период ќе се инјектираат висок износ на средства во трговијата на мало и услужната дејност.

Парите треба да се потрошат до 15 август

Пред неколку дена со измена на Уредбата Владата го помести рокот до кој корисниците треба да ги добијат картичките. Наместо на 3 јули, последните картички до граѓаните треба да стигнат на 18 јули, а ќе можат да се трошат до 15 август. Како што појасни министерката, времетраењето на користењето на картичката ќе зависи од тоа кога ќе се добие.

Во меѓувреме, додека Ангеловска ги соопштуваше деталите за новата веб-страница и за доставата на картичките, деловните банки преку кои ќе се дистрибуираат, а такви се вкупно девет, веќе им се обратија на граѓаните со соопштенија на своите веб-страници. Според нив, први до корисниците ќе стигнат картичките од НЛБ банка, која објави дека веќе ги изработила и на веб-страницата постави апликација на која нивните сопственици треба да остават податоци, по што во рок од неколку работни дена ќе ја добијат на домашна адреса.

– Согласно Уредбата на Владата на РСМ за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници, во НЛБ Банка се изработени домашни платежни картички за оваа намена, стои на веб-страницата на банката.

Ваква апликација треба да постават и другите осум банки, а според она што го кажа министерката и според нивните соопштенија, НЛБ ќе биде единствената банка која доставата ќе ја врши на домашна адреса, со опција и за лично подигање. Останатите ќе ги повикаат граѓаните да дојдат во некоја од филијалите, која е избрана според местото а живеење. Некои од банките во своите соопштенија ги упатија граѓаните прво да се пронајдат на kupuvamdomasno.gov.mк и со внесување на матичниот број да откријат која банка им ја изработила картичката. Потоа со јавување во нејзиниот кол центар ќе добијат информација во која експозитура или филијала и кога треба да ја подигнат. Дел од банките уште вчера изутрина испратија СМС пораки со кои ги известија граѓаните дека тие ќе им ја издадат картичката и им најавија дека дополнително ќе ги информираат кога и каде треба да ја подигнат.

Најмногу картички од НЛБ и Стопанска банка

– Важно е да се напомене дека граѓаните нема да има потреба да одат во банката да прашуваат кога ќе им биде готова картичката. Секоја банка овие информации ќе ги има објавено на своите веб-страници, на кои ќе може да се направи проверка каде и кога ќе ја подигнат картичката во зависност од местото на живеење, појасни Ангеловска.

Картички ќе издаваат НЛБ банка, Стопанска банка – Скопје, Шпаркасе банка, Халк банка, Охридска банка, Комерцијална банка, Уни банка, Централна кооперативна банка и Силкроуд банка. Најмногу картички, по над 100.000 изработуваат НЛБ и Стопанска банка.

Со Уредбата е предвидено вработените да добијат картичка од банката преку која примаат плата, останатите преку банката преку која е извршена последната трансакција, а ќе се отворат и нови сметки кои ќе бидат распределени по банките според фер принципот.

Картичката ќе се користи за купување македонски производи и услуги  во ресторани, кафулиња, брза достава, хотели, одморалишта, сместувачки капацитети, туристички агенции, трговија на мало продавници за храна и пијалаци, зелени пазари, аптеки и фризерски салони и салони за разубавување.

Домапните производи во посебни гондоли и рафтови

Трговците треба да почнат да се подготвуваат за муштериите со домашни картички и ако ги немаат, да си побараат пос терминали од банките кои ги добиваат бесплатно, но и домашните производи да ги издвојат во посебни рафтови. Како што појасни министерката Ангеловска, картичките ќе можат да ги користат и лицата кои имаат блокирани сметки. Со нив ќе се плаќаат домашни производи и услуги во физички и онлајн продавници, но нема да може да се подига кеш, да се пазари во странство или да се префрлуваат пари на друга сметка. За картичките не се плаќаат никакви провизии и надоместоци до крајот на годинава, а ако парите не се искористат до 15 август, ќе се вратат назад во буџетот на државата.

Кога ќе се испразнат, картичките не мора да се фрлат. Како што најавуваат некои од банките, од 1 јануари наредната година ќе можат да продолжат да се употребуваат, но според условите за користење платежна картичка што тие ги имаат.

Министерката Ангеловска испрати порака до граѓаните без разлика дали поседуваат домашна платежна картичка или не, кога одат да пазарат за секојдневни потреби да пазарат според начелото „Купувам домашно“, зашто така помагаат да се зачуваат работните места.

(С.В.)