Делчевци се организираат за помош на наставникот Љупчо Бојановиќ

68

Во Делчево во тек е хуманитарна акција за помош на Љупчо Бојановиќ, 58 годишен наставник по професија, од делчевското село Ѕвегор. Бојановиќ боледува од Амиотрофична Латерална Склероза и за негово лекување потребни се 25 илјади евра за медицинска процедура, преку третман со матични клетки во Русија. Со цел да му се помогне на наставникот Бојановиќ, од Здружението на просветни работници во Делчево покренаа хуманитарна акција за негова помош.

Со третманот кој би се направил во Русија, би се забавил прогресот на заболувањето и одложување на целосната парализа на Љупчо, што од друга страна ќе придонесе за достоинствен пензионерски живот и самостојно извршување на најосновните секојдневни обврски. Апелираме до сите хумани луѓе, во рамки на своите можности, да го дадат својот придонес за овозможување на ова лекување, велат од Здружението на просветни работници од Делчево.

Денеска акција за помош на наставникот Бојановиќ, организираше и Црвен крст – Делчево.

Акцијата се спроведува на три пункта на кои граѓаните донираа средства за помош на наставникот Љупчо. Бидејки е пазарен ден имаше голем интерес за оваа акција во која се вклучија и граѓани од соседна Бугарија кои денес го псоетија градскиот пазар во Делчево, истакнаа од Црвен крст Делчево.

Во рамки на оваа хуманитарна акција отворена е и посебна телефонска линија на која хуманите со еден телефонски повик на бројот 143-462 ќе можат да донираат за Бојановиќ, за кого е отворена и жиро с-ка со број 240167002098087 на име Љупчо Бојановиќ, Унибанка.