Делчево:Доделени таблети за ученици од социјален ризик во рамки на проектот „Поддршка во време на Ковид-19“

30

Невладината организација „Тернипе МК“ продолжува со реализацијата на проектот „Поддршка во време на Ковид-19“. Во пресрет на новата учебна година, денеска оваа организација како што информираше координаторот Зенил Реџепов, додели таблети и социјални пакети кои ќе бидат наменети за лицата од социјален ризик во три делчевски училишта.

-По поднесен проект до Општина Делчево, „Тернипе МК“ обезбеди уште 15 таблети за двете делчевски деветолетки и гимназијата во Делчево. Во рамки на проектот исто така имаме доделено и 15 социјални пакети за лица од социјален ризик. Со оваа донација на учениците им посакуваме успешен старт на наставата, рече Реџепов.

Со финансиска поддршка од Владата и во соработка со Општина Делчево и Црвениот Крст, како што посочи Реџепов, досега е заокружена бројка од доделени 100 таблети и 100 социјални пакети на семејства од социјален ризик.

-„Тернипе МК“ и понатаму ќе продолжи со поддршка во време на Ковид-19 кризата со надеж дека поскоро ќе се вратиме побрзо во нормален тек, а на учениците им посакуваме настава со физичко присуство со желба овие таблети да им се најдат единствено доколу има потреба, рече Реџепов.

Директорите на делчевските воспитно-образовни установи изразија задоволство од соработката со Тернипе МК, изразувајќи надеж дека соработката во повеќе сфери од образованието ќе продолжи и во наредниот период.