Делта сојот ја губи силата, во Македонија намален бројот на заразени

Статистиката на Институтот за јавно здравје објави дека минатата недела во однос на претходната, забележано е намалување од 17,3 отсто на заразените со овој вирус.

563

НОВИОТ СОЈ НА ВИРУСОТ РЕГИСТРИРАН ВО СКОРО 60 ЗЕМЈИ ВО СВЕТОТ…Статистиката на Институтот за јавно здравје објави дека минатата недела во однос на претходната, забележано е намалување од 17,3 отсто на заразените со овој вирус. Таа недела регистрирани се 2.275 нови позитивни случаи од 35 градови во државата. Речиси половина од заразените се наоѓаат во главниот град Скопје. Во моментов во земјава активни се 5.627 случаи

 

Во изминативе неколку недели во Македонија опаѓа бројот на заразени со ковид-19, а во моментов активни се 5.627 случаи. Статистиката на Институтот за јавно здравје објави дека минатата недела во однос на претходната, забележано е намалување од 17,3 отсто на заразените со овој вирус. Само минатата недела ИЈЗ регистрирал 2.275 нови позитивни случаи од 35 градови во државата. Речиси половина од заразените се наоѓаат во главниот град Скопје.

Според епидемиолозите, причина за стишување на делтасојот е што постепено расте колективниот имунитет, бидејќи имаме околу 220 илјади лица кои ја прележаа болеста и 828.770 граѓани кои се имунизирани со две дози. Професорот по математика Дејан Трајковски, вели дека сепак треба да бидеме претпазливи, оти пред нас е зимата која сама по себе е погодна за вирусни инфекции. Тој на јавноста и е добро познат по математичките пресметки за ковид-19 и анализите што ги даде за сите четири бранови.

– Делтасојот епидемијата постепено се смирува, треба да го издржиме и бранот на омикрон сојот, но според ова што го гледаме во ЈАР, иако ни претстои голем број на нови случаи, леталитетот и морталитетот би требало да бидат значително помали. Но, да почекаме уште петнаесетина дена за посигурни заклучоци. Сепак, зимата е пред нас, а таа сепак ги прави сите работи полоши – пишува Трајковски на својот ФБ-профил.

Д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствениот дом Скопје, смета дека задолжителната вакцинација можеби е драстична мерка, но е неопходна за заштита од новите соеви на коронавирусот.

-Светот сега знае дека вакцинирањето е решение, без разлика на тоа која и да е варијанта во прашање, децицен е д-р Мехмедовиќ и укажува дека млаките кампањи за имунизација не даваат резултати.

Тој смета дека треба да се засили едукацијата и подигање на свеста кај населението за подобрување на имунизацијата.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 217.775, бројот на оздравени пациенти е 204.474, на починати е 7.674 пациенти, од кои најмногу во болнички услови.

И бројот на нови случаи со ковид-19 во регионот се намалува, но како што информираше СЗО на светско ниво тој расте. Новиот сој омикрон е веќе проширен во 57 земји во светот. Регионалниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге информираше дека во следниот период еден од десет луѓе во европскиот регион на СЗО ќе биде заразен со ковид-19. Тој укажува дека со наближувањето на крајот на годината и сезоната на празници, ќе расте бројот на лицата со ковид-19. Светските лекари веќе прават и анализа колку се ефикасни вакцините за новиот сој.

Деновиве британскиот лекар Дејвид Лојд посочи дека децата заразени со варијантата на коронавирус омикрон може да добијат „невообичаен“ и агресивен осип“. Тој укажува дека постојат одредени разлики во симптомите на децата инфицирани со омикрон во споредба со возрасните каде може да има и замор, главоболки и губење на апетит.

Главниот советник на американскиот претседател за пандемијата, инфектологот д-р Ентони Фаучи, вели дека иако има брзо ширење на омикрон сепак првите индикации покажуваат дека тој е помалку опасен од делтасојот. Британскиот производител на лекови „Глаксо Смит Клајн“ укажа дека лекот „сотровимаб“, терапија против ковид-19 заснована на антитела, е ефикасна против сите мутации во новата варијанта на коронавирус.

(В.Ма.)