Посетите на изложбите се одлична можност студентите во комуникација со уметниците директно да се запознаат со ликовното творештво, да добијат совети кои ќе им бидат неопходни понатаму во нивната работа, за можностите за имплементирање на уметноста и ликовните аспекти во дизајнот. Овие посети организирани од Европскиот универзитет – Скопје се истовремено и комуникација која е постојана практика на Факултетот за арт и дизајн“, посочува проф. д-р Јана Манева- Чупоска  

Студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје, вчера ја посетија изложбата на еминентниот македонски сликар Коле Манев, која до 4 ноември може да се проследи во галеријата „Арт Хаб“ во Градскиот трговски центар. Се работи за посета реализирана од студентите од првата и втора година, по предметите „Цртање и сликање” и „Kомпјутерско дизајнирање” кај професорите Јана Манева-Чупоска и Благојче Наумовски, во рамките на наставната програма. На изложбата студентите се запознаа со творештвото на уметникот Манев со кој имаа можност да разговараат и за сликарските техники, начинот на создавање на уметничките дела и се она што е во интерес на зголемувањето на знаењето од овие два предмети.

„Посетите на изложбите се одлична можност студентите во комуникација со уметниците директно да се запознаат со ликовното творештво, да добијат совети кои ќе им бидат неопходни понатаму во нивната работа, за можностите за имплементирање на уметноста и ликовните аспекти во дизајнот. Овие посети, организирани од Европскиот универзитет-Скопје, се истовремено и комуникација која е постојана практика на Факултетот за арт и дизајн“, посочува проф. д-р Јана Манева- Чупоска, која додава дека ваквото искуство за студентите е и најдобрата школа.

Студентите од Факултетот за арт и дизајн, пак, беа воодушевени од можноста да се сретнат и да поразговараат со еден од доајените на македонската ликовна сцена. Неговите дела секогаш се инспирација за младите уметници. Тие поставија бројни прашања до уметникот кој со задоволство им одговараше.

„Практично се запознавме со проблематиката која ја изучуваме во рамките на наставата. Европскиот универзитет-Скопје секогаш ни нуди можност за повеќе информации и знаења поврзани со она што го изучуваме. Практичната настава е составен дел на сите насоки на Факултетот за арт и дизајн, но и на сите други факултети во рамките на оваа високообразовна установа“, велат студентите. 

Уметникот Коле Манев, пак, им ги пренесе своето богато ликовно искуство стекнато не само во државата, туку и од студискиот престој во Париз, Франција каде што и изложувал.

„Би им препорачал на идните млади уметници и дизајнери работа и само работа. Доколку работат континуирано резултати сигурно ќе има. Доколку имате голем талент во себе, а не работите, талентот ќе згасне.  Затоа работата секогаш носи резултати“, им порача Манев. (Д.Т.)