Дедо ја тужи грчката железница затоа што му била уништена нивата по судирот на возовите кај Лариса: Бара отштета!

105

Еден 90-годишен Грк побарал надомест од грчката железница поради тоа што неговата нива била уништена во текот на потрагата и спасувањето на луѓето по судирот на возовите во Темпи, кај Лариса во кој загинаа повеќе од 50 лица.

Според неговите зборови, приносот на пченица на таа нива требало да биде четири тони. Како што пишува порталот „onlarissa.gr“, овој постар човек е сопственик на земјоделското земјиште кое се наоѓа во близина на местото на судирот.

Како што се тврди во тужбата, со спасувачките напори и отстранувањето на возовите, неговото поле било прегазено, што му нанело штета.

Според истиот извор, тој бара надомест од 2.000 евра, пренесува „Prototema“.

Дека тужбата е поднесена потврдил и заменик градоначалникот на Темпи Јоргос Николау, кој кажал дека не треба да се осудува овој сограѓанин.

„Тој секако има право да поднесе тужба. Но, станува збор за вонредни околности, за трагедија по која мора да се направат некои работи. Во секој случај, зборот на правдата е последен“, рекол Николау.