Девојчиња завршија во болница по масовно труење во женски училишта во Авганистан

29

Речиси 80 девојчиња во северен Авганистан завршиле во болница откако биле отруени додека биле на часови. Девојчињата биле отруени во два одвоени напади на основни училишта за време на викендот, соопштија властите.

Труењето во едно женско училиште во авганистанската провинција Сар-е-Пол доаѓа по интензивното преиспитување на образованието на девојчињата во земјата откако талибанците ја презедоа власта и го забранија пристапот за повеќето ученички тинејџерки, и по низата труења во училиштата за девојки во соседен Иран.

-Некои непознати лица влегле во женското училиште во областа Санчарак и ги затруле училниците, а кога девојчињата влегле во училниците се затруле, изјави Дан Мохамад Назари, портпарол на полицијата во Сар-е-Пола, без да прецизира за каков отров  станува збор или за тоа кој стои зад инцидентот.

Назари додаде дека девојчињата биле пренесени во болница, но дека сега се во „добра состојба“.

Засега никој не е уапсен.

За време на претходната влада во Авганистан, која беше поддржана од странските влади, се случија неколку напади со труење, вклучително и напади со гас, врз училиштата за девојки.

Талибанската администрација,  откако ја презеде власта во 2021 година, им забрани на повеќето ученички да посетуваат средно училиште и факултет, што наиде на осуда од меѓународните влади и многу Авганистанци.

Талибанските власти ги задржаа отворени основните училишта за девојчиња на возраст до околу 12 години и додаваат дека се за образование на жените, но под одредени услови.