Девојче на 14 години е првата жртва на грип во Македонија, засега нема епидемија и затворање на училиштата  

Над 10.000 заболени од инфлуенца оваа сезона.И покрај ваквите сериозни бројки на грипосани лица во земјава, засега не е прогласена епидемија. Д-р Кузмановска  вели дека можно е  во иднина кога се очекува пикот на сезонскиот грип да се ограничи групирање на население од различни возрасни категории. Во Србија  во моментов училиштата и градинките се затворени, а за една недела е продолжен зимскиот распуст.

455

Четиринаесетгодишно девојче е првата жртва на сезонски грип во земјава, која почина во средата на Клиниката за детски болести како последица на компликации од вирусот. Како што информираше д-р Гордана Кузмановска, од Институтот за јавно здравство, девочјето имало и други хронични заболувања кои што придонеле да се влоши нејзиното здравје.

Изминатата недела во земјава се регистрирани нови  3.614  лица заболени од грип, што претставува зголемување за 27,9 отсто споредено со неделата пред неа кога биле регистрирани 2.825 заболени. Вкупниот број заболени од сезонски грип оваа сезона достигна над 10.700 заболени што е за 66,3% зголемување во однос на ланската сезона кога во истиот период  бројот достигнал 6.468  заболени лица.

Како што појаснуваат од Институтот меѓу заболените има и потешки случаи и најчесто тоа се мали деца, лица со хронични заболувања и повозрасни лица. Засега само во Демир Хисар нема регистрирано заболени од инфлуенца.

 – Има тешки случаи меѓу заболените, особено кај  повозрасните лица, лица со хронични заболувања и мали дечиња. Болни има  хоспитализирани на  Инфективната и на Детската клиника – вели Кузмановска  и дополни дека секојдневно расте интензитетот и големиот процент на позитивни добиени резултати од вирусолошки испитуваните материјали што говори дека активноста на вирусот е висока и затоа се очекува во наредните недела две да се достигне пикот.

И покрај ваквите сериозни бројки засега не е прогласена епидемија во земјава, иако во соседството, во Србија  во моментов  училиштата и градинките се затворени, а за една недела е продолжен зимскиот распуст.

Во Македонија  во голем број на училишта и градинки поради грипот и вирусните инфекции  е намален бројот на учениците и децата. Од  Министерството за образование и наука засега немаат податоци колку од нив поради болест не ја посетуваат наставата, но тие за весникот ВЕЧЕР нагласуваат дека будно ја следат состојбата .

-Во ситуации на интензивирање на заразни болести, министерството секогаш ги следи препораките од другите надлежни институции за јавното здравје, односно од Комисијата за заразни болести, така што, доколку биде донесена одлука за привремен прекин на настава или пак, се преземе друга мерка во меѓувреме, јавноста ќе биде навремено информирана – велат од ресорното министерство.

Доктор Кузмановска пак вели дека иако засега од страна на здравствените власти  не е донесена мерка за забрана за собирање на јавни места, како и затворање на  училиштата и на други институции каде има групирање на население од различни возрасни категории, тоа не значи дека во иднина нема да има потреба да се донесе.

– Ја следиме состојбата да видиме недела, две како ќе се движи и доколку има потреба ќе биде преземена и оваа или некоја друга мерка која здравствените авторитети ќе сметаат дека е соодветна, додаде д-р Кузмановска.

Анализите на теренот велат дека годинава со инфлуенца А и инфлуенца Б најчесто заболуваат лица на возраст над 65 години. Изминатава недела грипот малку се стиши кај најмладата популација до четиригодишна возраст, а се интензивира кај децата на училишна возраст, односно на возраст од пет до 19 години. 

(В.Ма.)