Девет тажни години од смртта на Душан Љубисављевиќ-Дуле од славното штипско дуо „Дуле и Коки“

1579

Денес, 23.09. македонската естрада ја одбележува деветтата тажна година откако замина популарниот Душан Љубисављевиќ-Дуле од македонската музичка сцена. Беше дел од славното штипско дуо „Дуле и Коки“ (со својот другар Никола Јанков-Коки), кое се прослави кај нас со големиот хит „Виолина и гитара“ со кој убедливо победи на макфестовскиот забавно-музички фестивал во 1996 година, во остра конкуренција, во која тогаш беа и многу југословенски пејачки ѕвезди.

Дуото потоа испеа уште многу други слушани песни, а со песната „Марама“ ја освоија публиката на некогашниот Интернационален фестивал во градот Зрењанин, во Србија.

Љубисављевиќ е роден во Штип, на 29 мај 1974 година. По завршувањето на средното образование, се пресели во Скопје, со цел да направи кариера, во што и успеа. Неколку месеци пред смртта, беше ангажиран и во угостителството, во својот ресторан „Доменика“. Здравствената состојба на Душан Љубисављевиќ беше тешка и, за жал, тој ја загуби повеќемесечната борба со ракот на црниот дроб.

Неговата матична општина – Штип го прогласи денот кога почина, за ден на жалоста. Тогашниот штипски градоначалник, Илчо Захариев, испрати телеграма со сочувство до семејството на починатиот. Пред Домот на културата „Ацо Шопов“, каде што Дуле, заедно со Kоки, победуваше на „Макфест“, граѓаните и неговите фанови имаа можност да му оддадат последна почит со палење свеќи.

Дуле беше погребан на градските гробишта во Штип.

Во приватниот живот, Дуле најпрво беше во брак со Санда Перковска, сопственичка на фирма за хулахопки. Потоа пак се ожени, со струмичанката Љупка Настовска. Во тој брак, како човек со големо, питомо срце, како своја ја прифати ќерката на Љупка од нејзиниот претходен брак. (Д.М.)