Девет „Негувателки на деца“ добија сертификати

179

На девет учеснички на обуката „Негувателка на деца“ денеска им беа доделени сертификати за учество во организација на Општина Центар и Македонската асоцијација на дадилки.

Обуката за „Негувателка на деца“ е дел од Оперативна програма 2019, на Министерство за труд и социјална политика и на Агенција за вработување на РСМ.

Сања Аризанов, претседателка на Асоцијацијата на дадилки истакна дека обуката резултираше со извонредни резултати, бидејќи, како што рече, 40 проценти од вкупниот број на кандидати веќе се вработени.

– Од десет учесници кои ја почнаа оваа обука, девет успешно ја завршија, осум полагаа стручен испит, а четири се веќе вработени, рече Аризанов.

Во рамки на Оперативна програма во делот на побарувани занимања на пазарот на труд, Асоцијацијата во соработка со Општина Центар и Детски градинки од општината ја спроведоа обуката за „Негувателка на деца“ од 15 мај до 14 септември 2019 година. Учесничките на обуката успешно ја завршиле обуката и се стекнале со диплома и звање Негувателка на деца.

Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ рече дека со овој чин потврдуваат дека само со цврста соработка меѓу граѓанскиот сектор и локалната самоупарава се креира синергија која дава мултиплицирани резултати во заедницата за благосостојба на граѓаните за подобро утре.