На големо изненадување за многумина боксерот Енди Руиз доби шанса да ги одмери силите против актуелниот шампион во тешка категорија – Ентони Џошуа.

Мексиканецот оваа шанса ја доби откако само еден месец пред планираната борба, Џарел Милер падна на допинг тест. Поради тоа, на први јуни во Њујорк пред Џошуа ќе застане Руиз. Овој боксер кој на прв поглед не изгледа како професионалец поради вишокот килограми, сериозно му се закани на Британецот.

-Не можам ништо лошо да кажам за него. Голем е, но јас сум уште поголем. Добар боксер сум и тука сум за да победам. Луѓето ме потценуваат поради изгледот, но тоа мислење ќе им го променам штом ќе видат како удирам. Тука сум за да направам изненадување.

Ова е втора шанса за Руиз да го освои шампионскиот појас во ВБО категоријата, откако пред две години претрпе пораз од Жозеп Паркер по судиска одлука. Убеден дека го очекува тежок дуел, Мексиканецот се закани дека ќе му ги одземе сите титули на Ентони.

-Ова многу ми значи. Тренирам без престан. Сакам да победувам. Ентони, немој да го потценуваш малиот дебелко, доаѓам да те нокаутирам, одиш на под шампионе, истакна Руиз, кој во кариерата има скор од 32 победи и само еден пораз, оној од Паркер.

Џошуа сè уште е без пораз и сигурно на први јуни во „Медисон Сквер Гарден“ го гледа Руиз како своја 23-та жртва во кариерата.