ДЕБАТА: Реформите во правосудството се наша домашна работа, да не ги правиме само заради ЕУ

33

Развојната стратегијата за правосуден сектор се фокусира на независност, квалитет, транспарентност и ефикасност на правосудниот систем. Реформите во правосудството се домашна работа на државата и не треба да се прават само заради Европската Унија, туку за граѓаните. ЕК во последниот извештај ги отсликува моменталните состојби во правосудството, особено спориот напредок во судските реформи. Ова беше истакнато на панел-дискусија „Основите на европската интеграција: Владеење на правото и спроведени реформи” во рамки на Петтата пленарна сесија на Национална конвенција за ЕУ во Македонија, што се одржа во Собранието.

Потпретседателот на Европското движење Мухамед Халили рече дека Извештајот на Прибе од 2019 даваше одредени насоки како да се реформира правосудниот систем но за жал, вели тој, веќе 30 години зборуваме за реформи, посебно за реформите во судскиот систем и правосудството.

-Од тие 30 години, 25 години сме зборувале дека државата ги исполнува сите критероиуми за членство во ЕУ но за жал Грција е таа што ни пречи, што беше и вистина. Ние проблемот со Грција го решивме, меѓутоа, судството и правосудниот систем се уште стагнира и се уште добиваме задоволителни оценки од ЕУ, а тоа значи двојка, или 2 плус, оцени Халили.

Владо Камбовски, претседател на Работната група на Министерството за правда за подготовка на стратегија за правосуден сектор 2023 – 2027, истакна дека Развојната стратегијата за правосуден сектор се фокусира на независност, квалитет, транспарентност и ефикасност на правосудниот систем, се фокусира на правната рамка, за која и во Извештајот на ЕК се вели дека таа е горе-долу уредена, но, вели тој, се работи во моментов на донесување нов Кривичен законик, кој е веќе ставен на ЕНЕР, и за кој е отворена јавна дебата.

Тој посочи дека во делот на ефикасноста на судството, тежиштето ќе падне на модернизацијата на работата на судовите и јавните обвинителства, низ комплетна дигитализација и нивна интероперабилност и поврзување, особено кај јавното обвинителство.

Оља Ристова, судија во Основниот кривичен суд – Скопје, рече дека ставот на ЕК во последниот извештај ги отсликува моменталните состојби во правосудството, особено спориот напредок во судските реформи.

-Овие реформи го опфаќаат и прашањето за избор на судии во повисоките судови согласно ново поставените критериуми за напредување според квалитет, како и реформите по однос на прашањето за спроведување стратегии за човечки ресурси, рече Ристова.

Точна е констатацијата, вели Ристова, дека постапката за избор или унапредување на судии во повисоките судови се пролонгира речиси година и половина.

– Сепак ова пролонгирање има свои причини. Главната причина се новите законски одредби во Законот за судски совет од 2019 година, според кои изборот на судиите во повисок суд треба да биде извршен исклучиво врз основа на квалитетот на работата на судиите, наспроти квантитетот на изработените предмети, како што беше пропишано во претходниот закон. Сега веќе се напушта овој концепт и се предвидени повеќе точки и критериуми во новиот закон што треба да се запазат и што се однесуваат повеќе на квалитетот на работата на судиите, рече Ристова.

Фатиме Фетаи, виш јавен обвинител, исто така се осврна на последниот извештај на Европската комисија во делот на правосудството.

Посочи на одговорноста на правосудната фела, на угледот на професијата, како што рече, и за вистински стандарди.

-Можеби проблемот е во тоа што не на сите обвинители им одговараат европски стандарди, не сме сите обединети во таа борба, затоа што тие европски стандарди некому не би му служеле, или пак, согласно тие европски стандарди некој обвинител не би можел да напредува во кариерата, оцени таа.

Оваа состојба, посочи Фетаи, влијае и на мотивацијата на работа, бидејќи, рече, вие знаете дека напредувањето во кариерата, само во исклучителни случаи, а не како општо правило, зависи од реалните резултати и постигнувања, знаења и интегритет.

Перцепцијата на јавноста, додаде Фетаи, во голема мера зависи и од политичко-сензитивните случаи, ако се има предвид дека токму тие случаи се лакмус на отпорноста на општеството во справуањето со организираниот криминал и справувањето со високата корупција. Во однос на другите случаи, каде соодносот на моќта и влијанието не е толку изразен, вели Фетаи, обвинителствата се трудат да си ја завршат својата работа, иако постојат одредени потешкотии.

-Процесот на ЕУ интеграција, темпото играат голема улога во реформите на правосудството. Факт е дека овие реформи се наша домашна работа. Факт е дека овие реформи ние треба да ги спроведеме заради нас самите, заради државата, рече Фетаи.