Дебарската гимназија подготвена за настава со физичко присуство на учениците

31

Дебарското средно општинско училишта „28 ноември“ е подготвено да почне со настава со физичко присуство на учениците, изјави за МИА директорот Рамадан Имери.

-Ги завршивме сите процедури и ги исполнивме сите услови што министерството за здравство ни ги достави. Како училиште заедно со професорскиот кадар целосно сме подготвени за почеток на наставата со физичко присуство на учениците, рече Имери.

Додава дека оваа образовна институција, којашто од пред неколку години работи во нов, голем современ објект, располага со доволно простор за да се обезбеди физичка дистанца.

-Со доволен простор за тоа располага и новиот објект на гимназијата во селото Могорче, каде функционираат истурени паралелки, посочува Имери.

Во изминатиот период, од појавата на пандемијата, во неколку наврати извршена е дезинфекција на просториите во гимназијата, спортската сала, која е во кругот на училиштето, како и дворното место.

Во ова, единствено средно училиште во општина Дебар, настава следат 584 ученици на македонски и албански наставен јазик, сите гимназиска насока.