ДДВ за ветеринарните услуги конечно ќе падне на 5 отсто, а на земјоделците ќе им се враќа персоналецот

1479

Иновации, модернизација, зголемување на производството и конкурентност. Ова се клучните сегменти на кои ќе биде фокусирана владината земјоделска политика во следните четири години.

Според четиригодишната програма на Владата годишно земјоделството ќе добива директна поддршка од 200 милиони евра, а во фокусот ќе бидат семејните, комерцијални фарми, како и нивното специјализирање за висококвалитетно земјоделско, органско и традиционално производство.

Се најавува дека субвенционирањето на „зелената нафта“ ќе се зголеми со тенденција да достигне 100 проценти до крајот на 2024 година. Предвиден е и сет мерки за маркетинг на македонските земјоделски производи со цел обезбедување сигурен пласман, фер и коректни цени. Најавена е и навремена исплата на директната поддршка и тоа 30 отсто од висината на основните мерки 30 дена по аплицирањето и 70 проценти според календарот на исплата. Календарот ќе се регулира со закон, за земјоделците точно да знаат кога можат да ги очекуваат средствата.

Ќе се зголеми и поддршката за директни плаќања за грла говеда, овци, кози, маторици, заклани гоеници, бројлери, несилки, еднодневни пилиња и презимени пчелни семејства за 10 отсто.

Со програмата се најавува и поврат на персонален данок на доход за земјоделци, намалување на ДДВ за ветеринарните услуги од 18 на пет отсто.

Платите на нововработените млади земјоделци ќе се субвенционираат со по 3.000 денари, ќе има поддршка и за жените земјоделки, а за задржување на лицата до 40 години во земјоделството се најавуваат грантови до 20.000 евра. За подобрување на старосната структура во земјоделството младите фармери ќе добиваат земјиште, пари за почнување бизнис, поголеми субвенции од основните.

За побрз развој на руралните средини, за „паметни села“ и овозможување младите да останат да живеат и работат во нив, се планира распределба на националниот буџет за директни плаќања во земјоделство и рурален развој во однос 65:35, поддршка од 10.000 евра за развој на микро и мало претпријатие во руралните средини, како и инвестиции во рурална инфраструктура.

Се планира земјоделските површини до три хектари да ги управуваат општините и да се поедностави и процедурата за легализација на сточарските фарми. Во фокус на аграрните политики ќе бидат и инвестициите во сончеви панели за производство на електрична енергија за користење во наводнување, инвестициите во квалитетно производство на семе и саден материјал, инвестициите за справување со климатските промени, воведување систем за мониторинг и прогноза на здравје на растенијата, како и примена на електронски систем за следење на дрвната маса.