Двојно зголемено купувањето преку интернет во Грција

47

Пандемијата на коронавирусот ги промени навиките на Грците и двојно го зголеми купувањето преку интернет и користењето на електронските услуги, покажува онлајн истражувањето спроведено од грчкиот Институт за малопродажни производи и Работилницата за електронска трговија на Економскиот факултет во Атина, што го пренесува грчката новинска агенција АНА-МПА.

Во последните десет дена од 2019 година, 21 отсто од анкетираните барем еднаш пазарувале од онлајн продавница, додека пак во првата седмица од април, бројот е двојно поголем, односно 44 отсто купувале преку интернет.

Особено голем раст, за осум пати, се забележува во однос на онлајн порачките од супермаркетите, од помалку од еден процент во 2019, во изминатите десет дена, осум отсто од граѓаните ги користеле електронските можности за пазарење.

Истражувањето било спроведено во периодот меѓу 25 и 27 март и меѓу 1 и 3 април 2020 година, а биле анкетирани 1.000 потрошувачи.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, за да се избегнат гужвите и за граѓаните да не излегуваат од дома, речиси сите големи синџири супермаркети во Грција нудат купување преку интернет и достава до дома.