Дворовите ни се полни со црнило, каде ќе ви оди душата!

298

Жители на Аеродром и од населбата 11 Октомври се жалат дека инсталација на „МЖ-Транспорт“ ги загадува. Тие велат дека црн чад што се испушта навечер им ги полни со црнило дворовите и терасите. Веќе неколку месеци наназад на Фејсбук се објавуваат фотографии со црн чад од објект на „3 Македонска бригада“, каде се наоѓа инсталација на „Македонски железници – Транспорт“. Од Инспекторатот на Град Скопје велат дека лани, на 9 декември, направиле вонреден надзор, направиле записник за понатамошно постапување што го доставиле до Државниот инспекторат за животна средина

 

Жители од населбата 11 Октомври и оние покрај булеварот „3 Македонска бригада“ во населба Аеродром, се жалат дека црн чад што се испушта навечер, ги загадува. Велат дека дворовите и терасите им се полни со црнило.

– Секое сабајле дворовите ни се полни со црнило. Тоа е веќе премногу. Каде ќе ви оди душата, зарем вие не го дишите тој отров – реагира Гунце Барбаровска Смилевска.

Веќе неколку месеци наназад на Фејсбук се објавуваат фотографии со црн чад од објект на „3 Македонска бригада“, каде се наоѓа инсталација на „Македонски железници – Транспорт“.

Од О2 иницијатива реагираат дека „МЖ – Транспорт“ секоја година набавува мазут и екстралесно масло за горење. Овој субјект нема А или Б интегрирана еколошка дозвола. Го прозваа Инспекторатот на Град Скопје да одговори дали и што е преземено кон овој загадувач кој се наоѓа среде урбана и густо населена средина.

– До кога „МЖ – Транспорт“ ќе нè загадува со мазут? Уште колку вакви фотографии треба да се објават за да се стави крај на загадувањето од „Македонски железници“ – прашаа од О2.

Од Инспекторатот на Град Скопје велат дека на 9 декември 2019 година нивна екипа излегла на терен по дојава на граѓани и направила записник за понатамошно постапување.

– Во однос на оваа инсталација, од страна на овластен инспектор за животна средина од Град Скопје направен е вонреден инспекциски надзор. Составен е записник и утврдено е дека надлежноста за постапување е на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и е повикан инспектор од тој инспекторат. Записникот е предаден за понатамошно постапување на ДИЖС. Сите понатамошни чекори потребно е да бидат преземени од страна на посочениот инспекторат – објаснуваат од градскиот Инспекторат.

Овој загадувач, од О2 иницијатива го споредуваат со болницата Чаир која е под надлежност на Инспекторат на Град Скопје и таму се преземени сите потребни мерки, направени се неколку ненајавени контроли со акредитирана лабораторија и извршени се мерења.

– Петре Шилегов пред година дена, по објавувањето на фотографиите и видеата со црниот чад од Гинекологија, се закани дека ќе ја затвори болницата во Чаир ако продолжат да го загадуваат воздухот и им даде месец дена да го променат начинот на греење, да си го променат котелот. Болницата оваа година конечно треба да се префрли на гас. А на „Македонски железници“ градскиот татко не им наложува да престанат да загадуваат во одреден рок или дека ќе им се закани да ги затвори – истакнуваат од О2 иницијатива.

Законот за квалитет на амбиентниот воздух, според кој е правилникот за гранични вредности на емисии (ГВЕ) на стационарни извори и каде се одредени граничните вредности за ложишта со различна моќ, одредува глоба во износ од 20.000 евра доколку правното лице испушти во амбиентниот воздух загадувачки супстанции над пропишаните гранични вредности за емисија.

(С.Бл.)