Двоецот Хан-Рикер во спасувачка мисија во Скопје  

Двете посети коинцидираат со кризата поврзана со СЈО и влегувањето во Собрание на новиот предлог-закон за Јавното обвинителство. Се очекува претставниците на ЕУ и на САД да се фокусираат токму на ова прашање што се смета за последно отворено пред земјите-членки на ЕУ во октомври да решаваат за одредување датум за пристапни преговори со земјава

100

Актуелната ситуација во земјава ги носи во Скопје еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан и помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер. Хан доаѓа во четврток, а следниот ден пристигнува Рикер. Двете посети коинцидираат со кризата поврзана со СЈО и влегувањето во Собрание на новиот предлог-закон за јавното обвинителство. Се очекува претставниците на ЕУ и на САД да се фокусираат токму на ова прашање што се смета за последно отворено пред земјите-членки на ЕУ во октомври да решаваат за одредување датум за пристапни преговори со Северна Македонија.

Посетата на американскиот помошник државен секретар ја потврди Стејт департментот. Филип Рикер во земјава ќе има средби со претставници на власта, на граѓанското општество и на бизнис-заедницата.

 -Во Скопје, Филип Рикер ќе се има средби со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и други владини претставници. Централни теми ќе бидат билатералните прашања и патот на Северна Македонија кон членство во НАТО и ЕУ. Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, ќе разговара и со пратеници и со претставници на опозицијата, се вели во соопштението на Стејт департментот.

Филип Рикер кој е поранешниот амбасадор на САД во земјава, последен пат го посети Скопје во март годинава во својство на цивилен заменик и политички советник на командантот на Европската команда на Воените сили на САД, должност што ја извршуваше пред назначувањето за американски помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања.

Рикер неодамна од Вашингтон порача дека Северна Македонија во изминатиот период сработи одлично, и не треба да се дозволи земјата да подлегне на некаква дестабилизиција со непотребни политички игри. Администрацијата во Вашингтон е убедена дека Северна Македонија е на вистинскиот пат и оти процесот треба да се истурка до крај со цел земјата да стане 30. членка на НАТО и да ги почне преговорите за полноправно членство во ЕУ, истакна Рикер.

Покрај земјава, Рикер ќе отпатува и во Атина. Таму високиот американски претставник ќе се состане со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и со други владини претставници.

 -Ќе се разговара за клучните прашања во билатералните односи како што се трговската, инвестициската, безбедносната и одбранбената соработка, регионалната стабилност и енергетиката. Тој ќе учествува и на тркалезна маса со претприемачи и бизнис лидери. Рикер ќе го посети и Солун, каде што ќе се сретне со локалните власти, со верски и со бизнис лидери, информираат од Стејт департментот.

Портпаролот на ЕУ, пак, конкретно информираше дека еврокомесоарот Јоханес Хан доаѓа во четврток да ја испита актуелната политичка ситуација во регионот, особено во Македонија и во Србија и дека сака од прва рака да се информира за случајот Рекет и бојкотот на опозицијата.

Брисел веќе побара продолжување на работата на Специјалното јавно обвинителство и целосно расчистување на скандалот со рекетирањето на бизнисмени и злоупотребата на телефонски разговори. Се очекува Хан, во својствена за него улога, да притисне кај власта и опозицијата за изнаоѓање решение за клучните спорни прашања, особено поради тоа што ЕУ го условува одредувањето датум за почеток на преговорите со земјава со решавање на статусот на Специјалното јавно обвинителство

Европската комисија е загрижена за последните случувања во земјава, а впечатокот е дека Македонија влегува во нова сериозна политичка криза, особено по скандалот со СЈО и евентуалната инволвираност и оставка на специјалната обвинителка Катица Јанева, како и поради тоа што во јавноста повторно се пуштаат телефонски разговори кои незаконски се стекнати.

При посетата, еврокомесарот ќе има и средба со премиерот Заев, со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Еврокомесарот ќе инсистира да обезбеди договор меѓу власта и опозицијата за клучните отворени прашања кои се дел од ЕУ реформите.

Брисел веќе побара продолжување на работата на Специјалното јавно обвинителство и целосно расчистување на скандалот со рекетирањето на бизнисмени и злоупотребата на телефонски разговори. Се очекува Хан, во својствена за него улога, да притисне кај власта и опозицијата за изнаоѓање решение за клучните спорни прашања, особено поради тоа што ЕУ го условува одредувањето датум за почеток на преговорите со земјава со решавање на статусот на Специјалното јавно обвинителство.

На масата пред еврокомесарот најверојатно опозицијата ќе го стави и барањето за предвремени парламентарни избори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се обиде да го испита пулсот на Брисел, дали ќе добие поддршка да се формира техничка влада, како решение кое би ставило крај на новата политичка криза.

Од Скопје, Хан заминува во Белград каде ќе има средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ.