„Посетителите можат да видат 18 дела, повеќето акрил на платно иако има некои и во комбинирана техника. Инспирацијата за овие дела ми беа оние едноставни внатрешни физички движења кои најчесто ги правиме автоматски и не ги забележуваме, како што е трепкањето. Токму, преку тие мали детали од секојдневниот живот сакав да изразам некои внатрешни емоции“, вели Ќурчиева, чија изложба во МКЦ ќе може да се види до 7 јули

Марија Ќурчиева е една од оние уметници на чија креативност пандемијата едноставно не влијае. Напротив, енергијата на нејзините дела привлекува внимание, а доказ за тоа е и нејзината прва самостојна изложба „Движење“ поставена во Галерија 2, горно фоаје на Младинскиот културен центар, која предизвика голем интерес кај љубителите на уметноста. Преку изложените дела оваа млада уметница пред јавноста ја претстави својата ликовна умешност.

„Посетителите можат да видат 18 дела, повеќето акрил на платно иако има некои и во комбинирана техника. Инспирацијата за овие дела ми беа оние едноставни внатрешни физички движења кои најчесто ги правиме автоматски и не ги забележуваме, како што е трепкањето. Токму, преку тие мали детали од секојдневниот живот сакав да изразам некои внатрешни емоции“, вели Ќурчиева.

Уметницата и професорката по ликовна уметност Маја Танева пак, кон изложбата на Ќурчиева ќе рече: „Врската на ликот и авторската фантазија го опишуваат потенцијалот на младата сила и желбата за пронаоѓање и созревање, откривањето на сопствните можности и нивното одбележување“.

Изложбата привлече голем број посетители и покрај состојбата со корнавирусот кои делата ги разгледаа со голем интерес, но и со – заштитни маски.

„Мило ми е што со изложбата успеав малку да ја разбијам монотонија во вакви моменти. Ме радува што на отворањето имаше голема посетеност и дојдоа и повеќе луѓе отколку што очекував со оглед дека сите внимаваат на своето здравје“, вели младата уметница која посетителите исто така ги пречека со маска на лицето.

Ќурчиева (2002) е млад уметник и ученик на отсекот сликарство во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“. Покрај формалното образование таа е и член на „Ателје 49“. Како што вели, со ликовната уметност како хоби започнала уште на 10 години, токму поради големата љубов кон сликањето. Има учествувано и во меѓународниот проект “Creative minds of the world” каде што во конкуренција на околу 2000 уметници од целиот свет е избрана во првите 200, кои ќе влезат во каталогот од проектот.

„Целта на овој меѓународен проект беше за да ги промовираат новите млади уметници од цел свет во еден каталог кој треба да излезе до крајот на годината. Потоа, тој ќе биде доставен до сите светски галерии“, вели Ќурчиева.

Таа во рамки на ликовното училиште „Лазар Личеноски“ и „Ателје 49“ учествувала и на групни изложби. Во врска со своите идни планови, младата уметница посочува дека по завршувањето на средното ликовно училиште планира да се усоврши во делот на класична уметност и сликарството, а потоа и да работи со децата пренесувајќи им го своето знаење.

„Доколку добијам стипендија би сакала да студирам на некоја од високообразовните институции во Италија или Холандија, во спротивно и тука во државата можам да го добијам соодветното образование“, вели младата уметница. Изложбата на Марија Ќурчиева ќе биде отворена до 7 јули. (Д.Т.)