Две лица загинаа во силен земјотрес на Хаити

34

Најмалку две лица загинаа денеска во земјотрес со интензитет од 5,3 степени според Рихтеровата скала, проследен со серија помали земјотреси, што го погодија Хаити, соопшти службата за итни случаи на Хаити.

Во соопштението се наведува дека најмалку две лица загинале, додека уште две се повредени и дека се оштетени најмалку 35 куќи, пренесе Асошиејтед прес.

Извештајот на Американскиот геолошки институт вели дека првиот земјотрес со интензитет од 5,3 степени според Рихтеровата скала бил почувствуван околу јужниот град Ле Кеј, проследен со серија поблаги земјотреси од 4,4 до 5,1 степени според Рихтеровата скала, само шест месеци по разорниот земјотрес со јачина од 7,2 степени, во кој загинаа повеќе од 2.000 луѓе во истата област и предизвикаа огромни разурнувања и штети, пренесува Ројтерс.

Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC) претходно соопшти дека Хаити бил погоден од земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала, а потоа интензитетот се намалил на 5,2 степени, наведувајќи дека земјотресот се случил на длабочина од 10 километри. Хаити сè уште се опоравува од разорниот земјотрес од 2010 година, во кој животот го загубија повеќе од 200.000 луѓе, додава Ројтерс.