Две Американки се маскирале како старици за да се вакцинираат преку ред

30

Две Американки од државата Флорида се маскирале во старици со цел преку измама да ја добијат втората доза вакцина, пренесуваат американските медиуми.

Како што соопшти Канцеларијата за јавно здравје на округот Оринџ, во Флорида, жени на возраст од 34 и 44  години пристигнале на местото на вакцинација носејќи капи, ракавици и очила за да ги прикријат своите години.

Видео кое се прошири на социјалните мрежи и медиумите покажува како полицаец им зборува на жените за неморално однесување.

Директорот на Канцеларијата за јавно здравје во округот Оринџ, д-р Раул Пино,  изјави дека двете жени имаат потврда дека ја примиле првата доза на вакцината. Но тие не биле во можност да ја добијат втората доза, бидејќи здравствените работници на местото на вакцинација се посомневале во исправноста на нивните лични документи.

Здравствените власти не знаат како тие успеале да ја земат првата доза на вакцината и дали и тогаш се маскирале.

Полицијата во округот Оринџ потврди за Си-ен-ен дека здравствените власти ги повикале да издадат предупредување за жените, чии датуми на раѓање од личните документи не се совпаѓаат со оние што ги користеле за да се регистрираат за вакцинација. Имињата, сепак, биле исти.