ДВА ФЕСТИВАЛА ВО ОХРИД: „Канео-фест“ на 29 јуни, конкурсот сè уште трае….

458

И ова лето македонскиот Ерусалим, Охрид, ќе има два музички фестивала. Покрај “Охрид-фест“, зад кој стои Григор Копров, најпрво на 29 јуни ќе се одржи познатиот музички фестивал на македонската поп и фолк музика “Канео-фест 2019“. Но, фестивалот како за првпат нема да биде само македонски, туку и интернационален. Како што велат организаторите на 18-то издание на “Канео-фест”, се подготвуваат многу изненадувања за сите учесници, но и за новинарите кои ќе го следат.
-Благодарение на добрата промоција и успешноста на работата на тимот на фестивалот, оваа година добиваме и меѓународен карактер со тоа што ги прошируваме нашите хоризонти и на земјите соседи од каде веќе има пријавено учесници, а е договорена и соработка со изведувачи во ревијалната шоу програма, гордо соопштуваат организаторите.
Фестивалот и понатаму ќе држи до својата традиција за промовирање на новите изведувачи кои ја чекаат својата шанса на сцената, а кои не можат можеби да допрат до популарноста, а на кои овој фестивал секогаш им ја отвора вратата. Конкурсот за новите песни уште е отворен, се до 20 јуни, па се верува дека ќе стигнат уште прилично добри песни.
–Им се радуваме на сите, порачуваат од “Канео-фест“. А, колку за потсетување, на овој фестивал своите први успешни почетоци ги има направено прилепскиот пејач Ален Хасановиќ во 2014 година со песната “Кога сфатив“. Тој денеска е позната музичка ѕвезда и во Србија, кој потоа успева да ја освои и публиката во познатото балканско ТВ-шоу “Ѕвездите на Гранд“.  Д.М.