Два нови фонда насочени кон општините ќе живеат од народни пари

Преку Фонд за перформанси ќе се наградуваат општините кои успеваат да ги зголемат локалните приходи, а Фондот за воедначување ќе доделува пари на општините кои добро ги прибираат средствата, но имаат ограничени ресурси. Во овие фондови ќе се собираат парите од зголемените приходи на општините од данокот на личен доход и од ДДВ, кои постепено ќе се зголемуваат и до 2024 година треба да бидат двојно поголеми од сега

130

Развојот на општините од следната година ќе се поттикнува со повеќе пари од даноците од кои се алиментираат. Ќе се формираат и два нови фонда преку кои ќе се распределуваат средствата собрани од зголемениот процент за општините од данокот на личен доход и од ДДВ.

Ова е предвидено со Предлогот на Буџетот за 2022 година за кој расправаат пратениците. Во него се наведува дека следната ќе се формираат Фонд за перформанси, одноно за успешност и Фонд за воедначување, кои ќе бидат насочени кон општините.

Како што е појаснето, преку Фондот за перформанси ќе се наградуваат општините кои успеваат да ги зголемат локалните приходи. Поточно, оние со добри резултати ќе бидат стимулирани на тој начин што преку тој Фонд ќе добиваат повеќе пари од останатите.

Преку Фондот за воеданчување, пак, ќе се намалуваат разликите меѓу финансиите на општините, зависно од нивниот фискален капацитет. Конкретно, преку тој фонд ќе им се доделуваат пари на општините кои покажале фискален напор и оствариле добри резултати, но прибрале помалку приходи поради ограничениот капацитет на ресурсите со кои располагаат.

Конкретни суми за алиментирање на овие два нови фонда во буџетскиот документ не се споменуваат, но се наведува дека во нив ќе одат средствата од дополнителното зголемување на процентот на ДДВ за општините.

-Во Фондот за перформанси и Фондот за воедначување од 2024 година ќе се распределуваат по 0,75 % од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година, а 4,5% ќе одат во Основниот фонд. Во 2022 година, откако ќе почне постепеното зголемување на средствата предвидени за општините, во Основниот фонд и Фондот за воедначување ќе се распределат по 0,25%, соодветно, додека во Основниот фонд 4,5%. Во 2023 година кога приходите од ДДВ се искачуваат на 5,5 % од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година во Фондот за перформанси и Фондот за воедначување ќе се распределат по 0,5%, соодветно, додека во основниот 4,5%, се објаснува во Предлогот на Буџетот за 2022 година.

Како што е образложено во документот, сега според закон општините добиваат 2,8 милијарди денари преку дотација од ДДВ и данокот на личен доход. Со реформата, во 2024 година ќе добиваат двојно повеќе, односно 5,2 милијарди денари, на тој начин што наместо сегашните три, ќе им следуваат шест проценти од данокот на личен доход, а наместо 4,6 проценти од ДДВ, ќе добиваат шест.

До 2024 година предвидено е постепено зголемување на приходите од данокот на личниот доход така што за 2022 година општините ќе добиваат четири проценти, а во 2023 години пет проценти. Стапката на дотација од ДДВ во 2022 година ќе изнесува пет, а во 2023 година 5,5 проценти.

Со овие новини Владата најавува и заострување на критериумите за контрола на финансиска дисциплина на локално ниво.

Со Буџетот за 2022 година предвидено е Фондот за здравство да располага со 593,7 милиони евра, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да „тежи“ 1,34 милијарди евра со трансфер на 490 милиони евра од државниот буџет, а Фондот за иновации треба да има 18,7 милиони евра.

(С.В.)