Два дена чуф, чуф со вовчето „Ќиро“ од Скопје до Охрид

1036

Еден од исклучително вредните музејски примероци денес ужива во пензионерските денови во скопската општина Ѓорче Петров, раскажувајќи ја гордо македонската железничка историја. Станува збор за култното вовче „Ќиро“, произведено во далечната 1917 година, а е најпознато по својата легендарна релација Скопје – Охрид која ја поминувал за цели два дена. Приказната за ова легендарно вовче ни ја раскажа 74-годишниот ѓорчепетровец Петар Ѓуровски кој ја имал привилегијата прв да слушне и да ги види згодите и незгодите на вовчето од неговиот татко Крсто Ѓуровски, кој бил машиновозач и го возел легендарното „Чајниче“

 

Еден од исклучително вредните музејски примероци денес ужива во пензионерските денови во скопската општина Ѓорче Петров, раскажувајќи ја гордо македонската железничка историја. Станува збор за култното вовче „Ќиро“, произведено во далечната 1917 година, а е најпознато по својата легендарна релација Скопје – Охрид.

Свој белег вовчето „Ќиро“, а исто така во тоа време познато и како „Чајничето“, освен што е паркирано во паркот во Ѓорче Петров го има и на новото корзо во истата населба. Тоа е симбол на општината кој сега е овековечен преку креативноста на ѓорчепетровецот Зоран Митковски. На тој начин, корзото е збогатено со уште едно сеќавање од минатото за младите генерации.

Приказната за ова легендарно вовче ни ја раскажа 74-годишниот ѓорчепетровец Петар Ѓуровски кој се сеќава на детските денови исполнети со радост кога со „Ќиро“ од Ѓорче Петров се возеле до центарот на Скопје, бидејќи во тоа време тоа бил единствениот превоз. Тој ја имал привилегијата прв да слушне и да ги види згодите и незгодите на вовчето од неговиот татко Крсто Ѓуровски, кој бил машиновозач и го возел легендарното вовче.

Крсто во железницата во Ѓорче Петров се вработил во 1918 година. Тогаш оваа населба била специјално градена за железничарите. Прво работел во ложилницата, па како помошник на машиновозачот, а потоа и машиновозач. Имал осум деца, од кои четири браќа и четири сестри, а Петар бил најмалиот.

– Го паметам вовчето, а за него ми раскажуваше и мојот татко. Тоа одеше по теснолинејка од 60 сантиметри, така ја нарекуваа пругата по која се движеше од Скопје кон Охрид и до струшко Ташмаруништа, преку планината Буковиќ. Се движеше со брзина до 20 километри на час. Возењето со него беше многу бавно – раскажува Петар за весникот ВЕЧЕР.  

Теснолиниската пруга ја граделе Германците и Австријците по Првата светска војна, а потоа во 1922 година ја обновиле Хрватите и Словенците.

– Пругата се  делела на секции или делници. Почнувала од Малата станица во Скопје, спроти зградата на Нова Македонија. Оттука поаѓало вовчето. Главното депо било на сегашното место каде е поставено вовчето во паркот во Ѓорче Петров. До него била и ложилницата каде вовчето се снабдувало со вода и јаглен. Првата делница била од Мала станица до Ѓорче Петров и изнесувала 5 километри, втората од Ѓорче Петров до Гостивар и била над 60 километри, третата од Гостивар до Кичево со 85 километри и четвртата од Кичево до Охрид која имала околу 83 километри. Последната делница била од Охрид до Ташмаруништа – Струга која била долга 20 километри. И сега местото каде била станицата во Охрид го викаат железничка станица – опишува Петар.

Тој се присетува дека од Скопје до Охрид вовчето „Ќиро“ патувало од 28 до 48 часа, што значи и до два дена. Бидејќи вовчето било бавно, кога одело од Кичево кон Скопје, луѓето се симнувале кај Зајас, па оделе пеш за да ги раздвижат нозете за повторно да се качат. Кога одело обратно од Скопје кон Кичево се симнувале кај Горна Ѓоновица, па оделе пеш, за повторно да се качат – вели Петар Ѓуровски и додава дека на планината Буковиќ имало чешма, па патниците кои го чекале вовчето си појадувале и одморале.

Во 1952 година, пругата на потегот Скопје – Гостивар е направена со нормален колосек, а оставен е кракот со малата пруга Гостивар – Кичево – Охрид, а потоа и таа пруга е укината.

– Вовчето „Ќиро“, подоцна го нарекоа пионерско вовче и возеше на релација Градски парк – село Глумово. Негова почетна станица беше кај Градскиот стадион која скоро е урната. Пругата одеше покрај реката Вардар кон Нерези, спроти Хром. Кај Хром имаше дрвен мост по кој поминуваше и одеше кон селото Глумово, каде што е сега езерото Треска. Таму му беше последната станица. Се возевме со него како деца. Тогаш сум имал некаде околу 7 години. Вовчето функционираше до крајот на педесеттите години. Луѓето од селата го користеа за да дојдат во градот. Го користевме и ние, родителите нè носеа во центарот, бидејќи немаше друг превоз – со емоции раскажува Ѓуровски присетувајќи се дека вовчето знаело да испадне од шините, па го дигале со дигалки за повторно да го стават на шините за да продолжи.

Вовчето функционирало речиси некаде до крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години од минатиот век. Во Ѓорче и сега постојат објектите на станицата на вовчето, во продолжение на ТЦ „Тинекс“ кај кружниот тек. Долго стоело во депото на „Македонски железници“, а во 2007 година, по барање на општина Ѓорче Петров, било префрлено на денешната локација, под дебелите сенки во паркот.

– Вовчето денес е украс на просторот во реонскиот парк во  Ѓорче Петров. Стои како еден вид експонат кој за нас е од големо историско значење. Навистина ова вовче има приказни. Паркот е под постојан 24-часовен чуварски надзор што придонесува вовчето да се сочува во одлична состојба. И граѓаните, исто така се грижат за него, односно се одговорни за евентуалните оштетувања. Одвреме-навреме, ако се јави потреба се вршат минимални поправки на вовчето низ годините наназад – велат од Општина Ѓорче Петров.

(А.П.)