Двајца играчи и 100 мил. евра за Неимар

276

Каталонскиот гигант Барселона и понатаму напорно работи на најавениот кам-бек на бразилскиот интернационалец Неимар, јавува германски „Скај“. Најскапиот фудбалер на денешницата не крие дека е несреќен во Париз иако пред две години пристигна во редовите на ПСЖ за рекордно обесштетување од 222 мил. евра. Според раководните лица на актуелниот шампион на Франција, Бразилецот моментално вреди 250 мил. евра.

ПСЖ ја одби првата официјална понуда на Барса – 40 мил. евра плус два играча, а „Скај“ јавува дека Каталонците испратиле нова официјална понуда. Неофицијално, Барса е подготвена да одвои 100 мил. евра за обесштетувањето и има понудено список со шест фудбалери, а ПСЖ може да одбере двајца.

На списокот со играчи можат да се прочитаат имињата на Филипе Кутињо, Иван Ракитиќ, Нелсон Семедо, Малком и на уште двајца играчи чии имиња „Скај“ ги нема откриено.

Сепак, раководните лица на актуелниот шампион на Шпанија имаат проблем со Кутињо и Ракитиќ, кои не сакаат да се преселат во Париз иако веќе се информирани дека ќе имаат далеку помала минутажа во новата сезона доколку останат на „Ноу Камп“.

-Преговорите помеѓу двата клуба и понатаму ќе бидат тешки, но Барселона со ваквата понуда направи голем чекор кон посакуваниот договор со ПСЖ, пишува германски „Скај“.