Двајца актери со лисици изнесени од Гостиварскиот театар?!

129

Актерите Берат Салији и Арѓент Хасани од Гостиварскиот театар, завчера попладне биле приведени во полициска станица Гостивар, по пријава дека ги попречувале активностите на Гостиварскиот театар?! Актерите, пак, сметаат дека се неправедно отстранети од претставата и за тоа не добиле образложение.

„Бевме дојдени на проба со останатите актери, но бевме изнесени со лисици на рацете од театарот. Наводно сме ја попречувале работата. Нејасна е реакцијата на директорот Висар Вишка, бидејќи баравме и уште бараме образложение зошто сме отстранети од претставата која почна да се подготвува во април. Ние ќе си ги бараме правата и да се вратиме во актерската екипа“, вели Арѓент Хасани.

Неговиот колега Берат Салији, кој претходно беше назначен за директор на Гостиварскиот театар, смета дека ваквите постапки имаат политичка заднина.

„Бев ангажиран од самиот почеток на подготовките на претставата „Натан мудриот“, а по мојата смена како директор, бев отстранет и од претставата на нејасен начин. Наводно не сме ги почитувале дисциплината и режисерските насоки. Но, повеќе од јасно е дека мотивите за оваа „игра“ се политички мотивирани, вели Салији.

Вршителот на должноста директор на Гостиварскиот театар, Висар Вишка за МИА потврди дека тој ја повикал полицијата, бидејќи “не ја почитувале дисциплината и не доаѓаа на проби“.

Гостиварскиот театар беше формиран на почетокот на годината со владина одлука. Во него треба да работат 30-тина професионални актери и технички персонал. На почетокот на септември, дојде до смена на раководното место. Според програмата, оваа година требаше да бидат поставени три претстави, но досега не е одиграна ниту една. Поголемиот дел од вработувањата веќе се реализирани и се работи на обезбедување просторни услови во Ценатрот за култура АСНОМ Гостивар.