Наместо фолк-песна, после овој карантин тргнувам со една забавна мелодија. Нели е пријатно изненадувањето? Како и секогаш кога јас сум во прашање.Ќе ја слушнете песната наскоро, многу е добра, одлична за ова летно време во кое мораме да собереме сила да се отргнеме од лошите мисли, од вирусот за кој скоро никој ништо не знае, освен дека лесно се пренесува, вели Влатко Алексовски за ВЕЧЕР

Влатко Алексовски кој од пред неколку месеци сосема го има сменето својот имиџ, но и не начинот на пеење, изминатиот период немаше настапи, како и останатите музичари. Но тој не падна во очај, но и не настапуваше алтернативно-онлајн како некои други негови колеги.

– Тоа беше нивен избор, секој си правеше за време на карантинот онака како што мислеше дека треба. Јас мислев дека не требаше да пеам онлајн, па не пеев. Целото тоа време бев во музичко студио,снимав неколку нови песни кои ќе ги промовирам ова лето, се надевам во живо, и за публиката и за новинарите. Тематика на песните е љубовна, друга тематика сега и не би била интересна, освен онаа љубовна кон татковината, но тоа се веќе патриотски песни. Тие сега за сега ќе причекаат, вели Влатко.

-Сепак ќе имам едно поголемо изненадување. Наместо фолк-песна, после овој карантин тргнувам со една забавна мелодија. Нели е пријатно изненадувањето? Како и секогаш кога јас сум во прашање.Ќе ја слушнете песната наскоро, многу е добра, одлична за ова летно време во кое мораме да собереме сила да се отргнеме од лошите мисли кои ни ги наметна коронавирусот, раскажува шармантниот пејач.

Влатко, некогаш

Ние и понатаму не можеме, а да не му го пофалиме новиот имиџ, поради кој многумина тешко го препознаваат, но му честитаат на одлична и би кажале храбра промена. Во првиот момент му велат:“Ти си тој истиот“? А, тој е! После долга коса, сега е со ептен фраерски куса и со секси-брадичка. Прашањето е дали вака во меѓувреме има стекнато повеќе обожавателки?

– Може така да се каже и ако јас моите фанови не ги делам според пол, вера, нација, сексуална определба, боја на кожата. Тие се за мене сите исти, сите ги почитувам, токму онака како и тие мене што ме почитуваат. Верни сме си едни на други сите овие долги години откако сум на македонската фолк-сцена.
За самиот вирус, не коментира нешто многу-многу, бидејќи луѓето се и онака веќе на крај со своето трпение. Станале нервозни со причина, па затоа да долева масло на оган, не сака. Порачува, да се чуваме, да се штитиме колку што можеме повеќе, да не се собираме во групи, да ја одржуваме хигиената во градовите, по дома, да не бидеме со сила “стручњаци“ за овој вирус за кој скоро никој всушност ништо и не знае.

-Па, нели Словенија го прогласи крајот на пандемијата, па еве од пред некој ден пак имаат доста инфицирани. Свесен сум за тоа дека во овие услови на пандемијата не можеме да имаме концерти, забави, родендени, другарски забави или свадби. И јас би сакал да биде како порано, но не е препорачливо, за жал.

За жалење е и тоа дека на естрадата од март месец нема заработувачка, се снаоѓаме кој како знае и умее. Ќе се преживее, жилави сме ние, не се даваме. Но да се надевам дека ова лудило брзо ќе помине, ќе заврши наскоро, за да му се вратиме на животот кој често го потценувавме, а сега видовме колку треба да си го сакаме! Колку треба да се дружиме, да заборавиме на омразите, озборувањата, така чести на естрадата, но и во самиот живот. И да си ги сакаме најмногу своите најблиски, мајки, татковци, браќа, сестри, децата, внуците, а секако и пријателите, соседите, во ова време-невреме.

Дуле Миќиќ