Да се тргнат препреките и тарабите за слободно возење по вардарската зелена магистрала

205

– Откако коритото на Вардар е чисто и проточно, се надеваме дека ќе биде проточен и кејот за пешаци и велосипеди! Изминативе 10 години се направи ненадоместлива штета на возењето велосипед на “зелената магистрала“ по текот на Вардар во самиот центар на градот. Замислете 10 години да има прекин на најважната сообраќајница за автомобили! Можеме само да замислуваме колку повеќе луѓе на велосипед ќе имавме во градов ако не беше направен тој прекин или ако беше соодветно заобиколен, велат од „На точак“

 

Град Скопје ќе продолжи со проширување на велосипедската мрежа и годинава. Притоа, предвидена е изработка на план за проширување на велосипедската мрежа, но претходно треба да се заврши мапирањето на велосипедската мрежа која е во тек, за да се согледаат слабостите и потребите.

Во согласност со планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај е предвидено патеките по должината на кејот на реката Вардар (Вардарска зелена магистрала) да бидат ’рбетот на велосипедската мрежа и тоа треба да биде потврдено во планот за проширување на велосипедската мрежа кој е споменат погоре. Исто така, велосипедската мрежа во Скопје ќе биде третирана и со планот за одржлива урбана мобилност.

Граѓаните во коментари на Фејсбук реагираат дека патеката за велосипеди на Кејот, посебно од Аеродром кон центарот, треба да се ослободи од тараби и препреки, бидејќи како што велат 7 години е блокирана. Повторно реагираат и од „На точак“, откако се тргнаа фундаментите на панорамското тркало во реката Вардар во централното подрачје.

– Откако коритото на Вардар е чисто и проточно, а се надеваме дека е (или многу скоро ќе биде) проточен и кејот за пешаци и велосипеди! Изминативе 10 години се направи ненадоместлива штета на возењето велосипед како транспорт и како рекреација со прекинот на велосипедската „магистрала“ по текот на Вардар во самиот центар на градот. Замислете 10 години да има прекин на најважната сообраќајница за автомобили! Можеме само да замислуваме колку повеќе луѓе на велосипед ќе имавме во градов ако не беше направен тој прекин или ако беше соодветно заобиколен – велат од „На точак“.

Тие бараат итно да се деблокира патеката во центарот околу мостот за Панорамското тркало, да се изготви план за продолжување на патеката во деловите кои недостасуваат од двете страни на реката кон исток и запад.

– Заедно со план за изградба на пешачко-велосипедски мостови и пристапни возливи рампи кои ќе ја интегрираат оваа патека во остатокот од мрежата низ градот, да почне изградба на дел од рампите, како и подготовка на студија и проект за пешачко-велосипедско поврзување по текот на Вардар со соседните населени места во Скопската котлина и соседните градови како дел од Еуро вело рутата 11 која ги поврзува Норвешка и Грција и минува низ Скопје – велат од здружението.

Од Град Скопје нагласуваат дека ќе продолжи проширувањето на велосипедската мрежа и годинава, при што е предвидено изработка на план, но претходно треба да се заврши мапирањето на велосипедската мрежа која е во тек, за да се согледаат слабостите и потребите.

Исто така, воедно, во согласност со планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај е предвидено патеките по должината на кејот на реката Вардар (Вардарска зелена магистрала) да бидат ’рбетот на велосипедската мрежа и тоа треба да биде потврдено во планот за проширување на велосипедската мрежа кој е споменат погоре. Исто така, велосипедската мрежа во Скопје ќе биде третирана и со планот за одржлива урбана мобилност.

Како што потенцираат од Градот голем дел од забелешките на групата скопски велосипедисти „На точак“ испратени во допис на крајот на декември се прифатени и истите се имплементирани во Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021.

– Во однос на нивните барања кои се однесуваат на изработката на идниот генералниот урбанистички план, Градот ќе ги има во предвид нивните предлози при изработката на ГУП, кои ќе бидат во корелација со планот за одржлива урбана мобилност – велат градските власти.

Во однос на барањата од „На точак“ за унапредување на работата на Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС), во насока на унапредување на неговата функција за собирање на податоци и за велосипедот како учесник во сообраќајот, како што информираат од Градот, сите нивни предлози се предвидени во акцискиот план и може да се реализираат во текот на оваа година.

– Во однос на нивните барања за зголемена безбедност во сообраќајот (точката 3 – Нула жртви од сообраќај во Скопје), истите ќе бидат разгледани во рамките на изработката на планот за одржлива урбана мобилност во кој посебно внимание ќе се посвети на безбедноста во сообраќајот, а кој ќе опфати и дефинирање на насоки за одржливо планирање и проектирање на транспортната инфраструктурата и транспортните услуги – истакнуваат од Градот.

 (А.П.)