Да се изгради забавно- рекреативен парк во ОУ „Малина Поп Иванова“

148

Граѓаните од Кочани, кои во изминатиот петмесечен период учествуваа на Форумот во заедницата, се определија средствата од Швајцарската агенција за развој и соработка во висина од 50 илјади франци да ги наменат за изградба на забавно-рекреативен парк во основното училиште „Малина Попиванова“.

Одлуката беше донесена едногласно, со оценка дека предлогот е најоправдан и од широк интерес за граѓаните, посебно за најмладите. Освен овој предлог во изборот беа и дигитализација на библиотечниот фонд во Библиотеката „Искра“, како и формирање социјален клуб.

– Реализацијата на забавно-рекреативен парк во ОУ „Малина Поп Иванова“ е со цел да се уреди корисна површина од десет илјади квадратни метри и да се подобрат условите за социјализација и инклузија на учениците и жителите од мултиетничка, мултикултурна и различна социјална средина. Проектот опфаќа изградба на детско игралиште, беседница за настава во природа, амфитеатрално прилагоден терен, патеки, спортско игралиште, забавно-рекреативен простор и игралишта за учениците со посебни образовни потреби. Просторот хортикултурно ќе се уреди со украсно цвеќе, високо зеленило и грмушести единици- истакна Христина Танаскоска од ОУ „Малина Попиванова“, како претставник на предлагачот на проектот.

Четвртата сесија од Форумот во заедницата ја затвори градоначалникот Николчо Илијев со благодарност до УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка затоа што овозможуваат директно учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки на локално ниво, но и за транспарентно и отчетно работење на општинската администрација и зголемување на довербата во локалната самуправа.

Форумот во заедницата е дел од активностите во рамките на проектот на УНДП „Зајакнување на општинските совети“, а петтата сесија ќе се одржи по завршувањето на реализацијата на изгласаниот проект.