Во деновите на војните дејствија во Украина, кои многу влијаат на спортот, пристигнаа две информации од Пекинг кои го шокираа светот. Имено, изминатите денови во овој кинески град се одржуваа параолимписките игри, а вистински хорор им се случи на двајца украински олимпијци.

Имено, украинската биатлонка Анастасија Лалетина се повлекла од Зимските параолимписки игри, откако руските војници го заробиле нејзиниот татко, инаку војник во украинската армија. Портпаролот на Украинскиот олимписки комитет истакна дека во моментов нема подетални информации за таткото на Анастасија, но подвлече дека овие последни настани имале психолошки ефект врз Лалетина, која поради тоа решила да го пропушти натпреварувањето во Пекинг.

Лалетина моментално се наоѓа во Жангијаку, местото каде што ќе се одржуваат натпреварите во крос-кантри и биатлон, а ќе се врати во татковината заедно со остатокот од тимот.

  • Руските војници го фатија нејзиниот татко, Анастасија е многу вознемирена и ќе ги пропушти трките, изјави портпаролката на украинскиот тим, Наталија Харач, наведувајќи дека куќата на еден од тренерите на украинскиот олимписки тим во Харков била бомбардирана за време на руската инвазија на Украина.

Од друга страна, украинскиот скијач Дмитро Сујарко имаше успешен настап во Пекинг и и донесе на својата земја два бронзени медали во биатлон (еден од шест и еден на десет километри) во конкуренција за натпреварувачи со оштетен вид. Меѓутоа, само ден претходно во бомбардирањето била уништена куќата на овој спортист. Во изјава за „USA Today“, Сујарко истакна дека неговите емоции се измешани.

  • Среќен сум, но ја знаете ситуацијата во Украина. Тешко ми беше да се концентрирам во натпреварувањето, имав две промашувања бидејќи дознав дека мојата куќа е погодена од граната и уништена во војната. Не можам да се радувам, само сакам мир во мојата земја, истакна Дмитро Сујарко, а пренесуваат американските медиуми.

Украина е трета на листата на земји кои освоиле медали на Зимските параолимписки игри во Пекинг – имаат вкупно 19 медали, од кои шест златни, а подобри од нив се само Кина и Канада.