Да не се заборави и никогаш повтори поплавата во Скопската котлина на денешен ден 2016 година

171

На денешен ден пред 4 години Скопје беше погодено од големо невреме проследено со обилни врнежи од дожд и силен ветер кое предизвика поплави, особено најсилни беа во реоните на селата Стајковци, Смилковци, Сингелиќ и Арачиново при што загии 22 лица.

Жителите на овие населени места и ден денеска со тага се присетуваат на стравотијата која им ја донесе водата и калта која се истури во нивните ниви, дворови и куќи, но и на помошта која им пристигна од институции, јавни претпријатија, фирми, здруженија на граѓани и волонтери кои доброволно помогнаа за време на поплавите.

Тој 6 август 2016 година во текот на 24 часа во Скопје наврнале 92,9 литри на квадратен метар, а како што тогаш соопштија од Управата за хидрометролошки работи во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало повеќе од 800 громови.

Невремето и поројот предизвика пад на дрвја, а домовите останаа без електрична енергија. Околу илјада граѓани беа евакуирани во текот на ноќта на 6 август.

– Своевиден метеоролошки феномен кој опстојуваше неколку часа со континуирано регенерирање и формирање олујни жаришта, иако според патеката на движење прогнозата покажуваше дека треба да помине во краток рок. Рекордниот интензитет на невремето што ја зафати Скопската котлина е со веројатност на појавување од 0,1 отсто или еднаш во илјада години – вака од УХМР тогаш го објаснија невремето што ја погоди Скопската котлина.

8 август 2016 беше прогласен за Ден на жалост во нашата држава.

Жителите на најпогодените делови на Стајковци велат дека никогаш нема да го заборават тој ден. Во зависност од штетите што беа настанати државата тогаш им додели финансиска помош.

Стајковци денес е побезбедно место од август 2016-тата. Асфалтирани се критичните улици каде што настана најголемата штета, но мештаните велат дека во нивното село има уште доста работа со цел да не стравуваат на секој темен облак кој би можел да се истури врз нивното населено место.

(С.Бл.)