Да не играше во НБА лига, сега ќе беше мртов

82

Големата ѕвезда на Милвоки, Јанис Адетокумбо, е прогласен за најдобар европски играч во изборот на ренимираниот италијански медиум „Газета Дело Спорт“. Тој за прв пат во својата кариера го освои ова признание, популарниот „Оскар“ кој се доделува уште од 1979 година, а во трката за најдобар играч на стариот континет ги победи Лука Дончиќ од Далас и Никола Јокиќ од Денвер. Крилниот центар освои 134 поени со што беше далеку повеќе од Дончиќ кој собра 129 и Јокиќ кој доби 62 бода. Со ова Јанис стана вториот Грк кој ја добил оваа награда по Никос Галис во 1987 година.

Но, интересна порака ни доаѓа од Грција, поточно од кошаркарски терен во Сеполи, Атина, место на кое порасна корпулентниот Адетокумбо.

  • Да не е во НБА лигата, можеби ќе беше мртов од полициски службеници, беше напишано на теренот.

Оваа брутална порака беше испратена кон власта во Грција, бидејќи 34 – годишен имигрант од Нигерија, Ебука Мамасубек, почина токму поради полицијата на 8. февруари годинава. Официјално тој починал поради воспаление на белите дробови, меѓутоа според грчките наводи Ебука подлегнал на повредите откако полицијата брутално го претепала.

Жената на нигерискиот имигрант истакна дека не верува во официјалното соопштение од полицијата, бидејќи тој никогаш немал големи здравствени проблеми. Поради смртта на Нигериецот во Атина се одржуваат протести против полицијата.

Јанис, кој е еден од најдобрите кошаркари во светот, има потекло од Нигерија. Родителите му се од Лагос, од каде побегнале во Грција. Кошаркарот на Милвоки е роден во 1994 година во Грција и веќе низа години игра во НБА лигата.