Да ги почитуваме верата, празниците и обичаите. Да не заборавиме на традицијата!

Со традиционална бадникова посна трпеза, со желби за многу здравје, среќа и бериќет во претстојната година, започнува славењето на еден од најголемите христијански празници - Божик

352

Да празнуваме одговорно, да бидеме во кругот на семејството и да избегнуваме собири, освен кога е неопходно, но со доследно почитување на обврската за одржување растојание и носење на заштитна маска. Но, да ги почитуваме верата, празниците и обичаите. Да не заборавиме на традицијата која не одржала низ вековите како Македонци, вели фолклористот и истражувач проф. д-р Марко Китевски за весникот ВЕЧЕР.

-Со традиционална бадникова посна трпеза, со желби за многу здравје, среќа и бериќет во претстојната година, започнува славењето на еден од најголемите христијански празници – Божик, вели Китевски, кој обичаите ги има запишано и во книгата „Македонски празници и празнични обичаи“.

На 6 јануари од полноќ до пладне е Коледе, а од пладне до полноќ Бадник

Традиционалните обреди за Коледе-Бадник почнуваат во ноќта пред празникот, со палење на големи обредни коледарски огнови, кои горат до доцна во ноќта, со песна, оро, греена ракија и вино и неизбежната погача.

Домовите и куќните прагови се украсуваат со дабови гранчиња, наречени Бадникови дрвца. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик, најголемиот христијански празник.

-Бадник или Коледе се нарекува денот пред роденденот на Исус Христос, Божик, според христијанската традиција. Бадник се слави еден ден пред Божик и со коледарските огнови и со малите деца – коледарчиња се најавува Рождеството Христово. Бадник претставува ноќ на мирот, радоста и на сплотеноста. Овој празник е поделен на два дела – периодот од полноќ до пладне на 6 јануари е Коледе, а од пладне до полноќ се слави Бадник, објаснува професорот Китевски.

Во раните утрински часови, најмладите коледари пеат бадникарски песни и го најават раѓањето на Исус Христос. Традиција е малите дечиња од рано утрината да одат од врата до врата на христијанските домови, тропаат по вратите, пеат песни и според црковните верувања, го навестуваат Христовото раѓање. За радосната вест, тие добиваат костени, бонбони, јаболка, портокали и пари.

Се меси кравајче, пита или погача со паричка

Во Македонија традиционално се собира семејството на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза, исклучиво со посна храна со што симболично треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Специфичната традиција за македонската прослава на Бадник е во секоја куќа се меси кравајче, пита или погача без квасец во која се става паричка.

Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравајчето на онолку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел ја бараат парата во лепчето и оној што ќе ја најде ќе се смета за најсреќен во годината што претстои.

За време на јадењето не станува никој, домашните се чекаат еден со друг, и дури откако заврши обредот, се станува, и тоа е важно во текот на овој период семејството да биде на куп и сложно. Обичај е по вечерата, посната трпеза да не се раскрева туку така заедно со храната се остава така сè до утрото, затоа што постои верување дека дедо Боже ќе дојде преку ноќта да се нахрани.

Посна софра и црвено вино

Многу етнолози го истакнуваат значењето на традиционалното јадење во текот на Бадниковата вечера. Имено, на оваа вечера се подготвува посен грав, кисела зелка или посни сарми, пита од орев и риба, урми, смокви…Не смее да изостане ниту печената тиква. Многумина велат дека од трпезата на Бадник не смее да изостане ниту медот, кој се јаде со ореви, а после Бадник во куќата се чува како лек. Рибата пак има ритуално значење, чие потекло не е толку познато, но кое во средниот век се поврзувало за симболот на Исус Христос. Сепак, на Бадниковата вечер симболична улога нема само храната, туку и пијалак. Еден од обичаите е да се наздрави со црвеното вино. Знаеме дека виното ја симболизира крвта, и овој обичај е многу јасен, посебно доколку се додаде фактот дека вино од маса не смее да се истури.

 „Пред Божик, зад Божик дома да си“

Божик е празник кој се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера. На Божик, рано утрото почнува Богослужба во црквите. Причесната следува по службата кога искараните треба да се помират и да се поканат меѓу себе на гости.

Професорот Китевски во „Македонски празници“ запишал дека во некои села во Македонија по Богослужбата девојките одат по овоштарниците и ги врзуваат дрвјата, за да се сочуваат од разни болести и да бидат плодни. Овој обичај е проследен со песни.

Исто така, со Божик е поврзана и поговорката, „Пред Божик, зад Божик – дома да си“, што има значење дека за време на големиот празник треба да се биде дома во кругот на семејството и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот.

Значителен дел од богатиот комплекс на црковни и народни обичаи за Бадник и за Божик, потекнува од најдалечното минато на македонскиот народ, вели Китевски. Тие го отсликуваат неговиот народен и културен идентитет.

Огновите не се христијански обичај?

Зимскиот календарски циклус во македонската народна традиција со празниците е најисполнетиот период со обичаи и празници во македонскиот народен календар. Празнувањето на Бадник се карактеризира и со палење оган, „коледе“ во сите селски и градски населби вечерта спроти празникот Коледе.

Со народната традиција и традиционалните обреди не се согласуваат поголемиот дел од свештениците не МПЦ-ОА. Додека фолклористите и помал дел од свештенството, велат дека не е добро да се прекинува традиција, дека и во коледарскиот огин треба да се најде симболика која ќе одговара на христијанското догматско учење, најголем дел од свештениците велат дека тоа се пагански обичаи – кои пред одреден број години се увезени од српската црква. Велат дека наместо со музика, веселби, печени колбаси… вечерта треба да се помине во молитва и во бдеење – во исчекување на Христовото раѓање.

Без оглед на меѓусебно различните ставови кон македонските народни обичаи и традиции од страна на религијата и етнолошката и фолклористичката наука, годинава поради протоколите и забраната за групирање не се очекува да се палат коледарски огнови.

Бадник – будник

Зборот Бадник веројатно доаѓа од старомакедонскиот збор – да бидеш буден. Таа ноќ, како што запишал Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник – будник“. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето, будноста покрај обредниот оган. Истражувачите сметаат дека во праисторијата овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската кусоденица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна, Христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците поради Сонцето туку поради оној што го создал Сонцето“.

Божиќ се празнува три дена

На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена. Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик. Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко, Христијан, Христо, и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св. Стефан. Од Божик почнуваат 12. таканаречени некрстени или нечисти денови, кои траат се до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божиќ до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.

Да ги почитуваме мерките и да славиме одговорно!

Како да се усогласат верските обичаи и епидемиските протоколи? Препораките на црквата од една страна и на здравствените власти од друга страна укажуваат дека сите прослави во затворен простор се голем ризик за ширење на корона вирусот.

-Во најубавиот празничен период, да не заборавиме на невидливиот непријател, да ги почитуваме мерките и да славиме одговорно! Со оваа честитка, директорот на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски, апелира до верниците да не забораваат на протоколите добиени од страна на Министерството за здравство поради пандемијата со коронавирусот. И Светиот архиерејски Синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, препорачува претстојните празници да се прославуваат со одговорност кон јавното здравје, да се почитуваат епидемиолошките здравствени мерки, па Божикните и Богојавленските празници да се прославуваат без нарушување на законските нормативи за јавни собири, определени од Владата.

-Верниците во храмовите да носат маски, да одржуваат пристојно меѓусебно растојание, а богојавленското осветување на водите во 2021 година да се одржи во кругот на храмовите, стои во соопштението од Синодот.    (E.A.)