Данска од денеска ги отстрани сите ограничувања за спречување на ширењето на коронавирусот, со што е првата земја во ЕУ која се враќа кон нормалното секојдневио, пишува „Политико“.

„Вакцините се големата причина што сите граѓани на Данска после долг период се враќаме во нормала“, рече министерот за здравство Магнус Хенике.

Данските здравствени власти одобрија укинување на сите мерки на крајот на август, откако објавија дека вирусот „не е повеќе критична закана за општеството“ поради високото ниво на вакцинација и ниската стапка на смртност.

Ковид пасошите повеќе нема да се бараат за влез во ресторани, спортски центри или ноќни клубови, а децата нема веќе да бидат во карантин доколку бидат во контакт со лице со ковид-19. Само заразените ќе треба да одат во карантин.

Луѓето може да се вратат во канцелариите, а отворени се училиштата.

И другите скандинавски земји како Шведска, го планираат истото кон крајот на септември.

Во Данска има 73% вакцинирани со две дози на вакцини, а лицата над 65 години се вакцинирани 98%.