Данела понуди план за брзо враќање на скопските улици

208

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на приватните превозници им понудила план со кој, доколку го спроведат чекор по чекор има надеж да се вратат повторно да возат.

– Треба и ние некои работи да ги смениме кај нас. Не можам повеќе детали да откријам. Мораме прво да им пренесеме на останатите колеги, истакна Јовица Зафировски, член на новоформираното Координативно тело на приватните превозници

 

Приватните превозници денеска излегоа задоволни од состанокот во Град Скопје со градоначалничката Данела Арсовска. На средбата која траела речиси четири часа, како што изјави Јовица Зафировски, член на новоформираното Координативно тело на приватните превозници, тие добиле насоки од Арсовска како најбрзо да се вратат на скопските улици.

– Средбата помина одлично. Имаме агенда од градоначалничката која треба да ја реализираме чекор по чекор. Се надеваме дека ќе се вратиме на скопските улици. Треба и ние некои работи да ги смениме кај нас. Не можам повеќе детали да откријам. Мораме прво да им пренесеме на останатите колеги – истакна Зафировски.

Тој најави дека ќе има нови средби во Град Скопје, според кои и ќе се делува понатаму.

– Се надеваме дека неделава, најверојатно во четврток ќе се одржи наредната средба, по која ќе можат да се изнесат повеќе детали – нагласи Зафировски.

Приватните превозници во неделата протестираа на последна автобуска станица 23 и 45 во населбата „Ченто“ со барање да се вратат на скопските улици и да имаат редовен возен ред и функционален јавен превоз каков што му доликува на град Скопје.

По овој протест градоначалничката Арсовска се согласи да има средба со превозниците. Претходно таа никако не сакаше да ги прими, негирајќи дека Град Скопје има долг кон нив, и распиша јавни оглас за пакет линии на кои побараа приватните превозници да се јават. Тие го одбија тоа, со образложение дека не можат да и веруваат на градоначалничката.

Тие не беа примени ниту во Владата, ниту од премиерот Димитар Ковачевски кој им го ветуваше тоа, веднаш штом ќе го добие извештајот од УЈП, но последно се огради и рече дека проблемот треба меѓусебе да го решат проватните превозници, Град Скопје и ЈСП.

Приватните превозници на 30 јануари излегоа пред управната зграда на ЈСП Скопје од каде што побараа средба со директорот Александар Стојковски за да им даде објаснување зошто шест месеци немаат земено ниту денар од средствата што им ги должи претпријатието. Но, тие наидоа на затворена врата со образложение дека директорот бил во Град Скопје. Тие потоа се упатија до Град Скопје и до Владата со повторни барања да бидат примени и во Град Скопје и во Владата.

Повеке од 3 месеци, приватните превозници не се вклучени во јавниот превоз, а Град Скопје им го раскина договорот.

(А.П.)