Дали ќе заврши сагата на несудените станари на „Антигона“!?

405

Стечајниот управник Весна Спирковска го реобјави огласот за продажба на правото на градба на станбено-деловниот објект „Антигона 2“ кој се наоѓа на улица „Иван Козарев“ бб во Кисела Вода. Станува збор за една од двете згради што ги градеше фирмата „Фи-ком“.

Инаку, стечајната управничка претходно го закажа јавното наддавање за 15 октомври (минатиот петок). Во новиот оглас електронската аукција ќе се одржи на 4 ноември 2021 година од 10 до 10:30 часот. Наддавањето на заинтересираните купувачи ќе се реализира преку системот Е-стечај што се води при Централниот  регистар, а правните и физичките лица кои сакаат да учествуваат треба прво да се најават кај стечајната управничка и потоа најдоцна до 2 ноември да уплатат депозит или да достават банкарска гаранција во висина од 10 отсто од проценетата објавена вредност на објектот.

Овој објект е изграден до фаза на отворена карабина и проценет е на 56.698.550 денари, односно на околу 922 илјади евра. Според огласот, јавното наддавање ќе биде со минимален износ од еден милион денари, односно 16.260 евра. Избраниот најповолен купувач цената што ја понудил на наддавањето ќе треба да ја уплати во рок од осум дена по приемот на решението, а ако не го стори тоа ќе остане без депозитот. Тој, исто така по успешното купување треба да ги плати даноците и другите давачки што произлегуваат од продажбата.

– Имотот предмет на продажба може да се разгледа секој работен ден од 9 до 14 часот по претходна најава кај стечајниот управник. Имотот е вклопен во урбанистичките планови на општина Кисела Вода, објави стечајната управничка врз основа на Одлуката на Собрание на доверители на стечајниот должник од 4 јули 2007 година и одлуката на Одборот на доверители од 20 септември 2021 година.

Според условите во огласот, купувачот ги презема сите права и обврски утврдени согласно со договорите за заедничка градба или соинвеститорство кои ги склучил стечајниот должник пред отворање на стечајната постапка со сопствениците на градежното земјиште. Тој нема да може да ја урне карабината и на нејзино место да изгради нов објект, туку да го заврши објектот и потоа да им ги предаде становите и дуќаните на поранешните сопственици на локацијата.

Корист од продажбата ќе имаат и доверителите кои од парите ќе добијат процентуален дел од утврденото побарување, но не и десетиците семејства кои уплатија стан во зградата, зашто во изминатите години низ судските постапки останаа без право на надомест за вложените пари.

Во 2006 година изби скандалот со неколкукратното продавање на станови во оваа зграда, а оние кои купија стан во овие згради, претрпеа огромни финансиски штети, проценети на околу 10 милиони евра. Сопственикот на фирмата “Фи-ком”, компанијата што ја изградила „Антигона“, и неговата сопруга подоцна беа осудени за измама на стотици граѓани продавајќи исти станови на повеќемина купувачи истовремено. И двајцата добија затворски казни за измама и за даночно затајување. Тој беше пронајден мртов во неговата затворска ќелија. Случајот официјално беше затворен како самоубиство.

Мамката со која жртвите биле привлекувани биле ниските цени по квадратен метар. Инвеститорот ги намалувал цените за 20-30 отсто и тоа е причината зошто клиентите давале пари без да влезат на имотот. Поради големиот попуст купувачите веднаш се согласувале.

Впрочем, оштетените купувачи на становите уште во 2008 година бараа нов инвеститор кој ќе го доврши овој станбено-деловен објект и со тоа да им заврши сагата. Затоа, прашуваат зошто толку време се чекаше да се направи продажбата на правото на градба.  

(С.Бл.)