Дали Шеќеринска е консензуалниот адут на Заев?

74

Без официјално да соопшти имиња, премиерот Зоран Заев со последната изјава ги подгреа шпекулациите, за кои пишуваше и ВЕЧЕР дека вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска ќе биде кандидат за претседател на претстојните претседателски избори.

-Ќе се обидеме да го изнајдеме најдобриот, или најдобрата. Ќе се потрудиме да најдеме кандидат што максимално ќе биде прифатлив за сите граѓани на Република Македонија. Посакувам да имаме консензуален кандидат за претседател, кој ќе биде татко на нацијата и зад кој ќе застанеме сите, рече Заев.

-Досега не е отворен процес во врска со утврдување кандидат за претстојните претседателски избори, бидејќи во тек е сериозен процес за завршување на постапката за уставни измени во Парламентот, рече премиерот и најави дека веднаш потоа ќе ја отворат дебатата.

Посочи дека му е драго што има кандидати, но дека ќе треба да се види кои од нив граѓаните ги сакаат.
-Посакувам да имаме консензуален кандидат од сите. Да имаме човек кој ќе биде татко на нацијата зад кој ќе застанеме сите, рече Заев и додаде дека се надева оти ќе биде избран кандидат за кој ќе биде чест да застанат и да го промивираат како иден претседател на Република Македонија.

Премиерот Зоран Заев во интервју за грчкиот весник “Ефимерида тон синдактон#,објаснува дека нема да биде кандидат за претседател бидејќи не сака да ја загуби радоста на моментот кога ќе се имплементира договорот . Тој во интервјуто се осврнува на повеќе прашања кои се однесуваат на односите меѓу двете земји и двата народи, за позитивните придобивки од Договорот од Преспа, за процесите во македонското Собрание и грчкиот Парламент, за членството во НАТО, претстојните претседателски избори кај нас, но и за кандидатурата за Нобеловата награда за мир.

Мандатот на претседателот Иванов истекува на почетокот на мај. Според Уставот изборот на нов претседател се врши во последните 60 денови од мандатот на претходниот. Тој на функцијата претседател стапи во април 2009 година, кога го победи кандидатот на опозицијата Љубомир Фрчкоски. Потоа беше реизбран во 2014 година откако освои повеќе гласови од неговиот противкандидат Стево Пендаровски.