Дали таткото на четири деца ќе стане татко на нацијата?

93

Додека владејачката коалиција дефинира кој би бил консензуален кандидат и дали заедно со претседателски да распише и предвремени парламентарни избори, во опозициската ВМРО-ДПМНЕ официјално е потврдена кандидатурата на актуелниот пратеник Влатко Ѓорчев.

Партиите се уште не откриваат детали за нивните планови, она што досега официјално се знае е дека владејачкиот двоец се уште е фокусиран на внатрепартиските анкети за претседателски кандидати, и дополнително треба да се одлучува дали ќе има двојни избори. Опозицијата, пак, на објавениот оглас до крајот на овој месец ги очекува кандидатурите за претседател на државата.

Заев деновиве информираше дека во СДСМ се мери рејтингот на десетина можни кандидати за претседател на државата и откри дека двајца од нив се Албанци.
ВМРО-ДПМНЕ кандидатот за претседател ќе го соопшти на партиска конвенција која е најавена за 16 февруари.

Владимир Ѓорчев е првиот кандидат кој јавно обелодени дека поднесува кандидатура за претседателските избори.
“Објавувам и кажувам дека се кандидирам за претседател. Имам искуство, мотивација, знаење, чесност и лојалност. Ја знам цела Македонија и ќе појдам во секој град, секој дом, кај граѓаните на Република Македонија. И ќе ја побарам вашата доверба зашто се надевам и мислам дека сум ја заслужил”, рече Ѓорчев пред новинарите.

Тој додаде дека не се грижи кој ќе биде кандидат од СДСМ, “тие нека му ја мислат”.

-Во 9-10 навечер заедно ќе броиме “победа во Скопје, Битола, Охрид, благодариме Штип, Крива Паланка…”. Ќе бидеме уморни од пола саат набројување каде сме победиле. Во првиот круг ќе ја најавиме победата во вториот круг. Не прифаќам пораз”, рече Ѓорчев.

Во обраќањето ги повика сите граѓани во Македонија заеднички да ги поразат СДСМ и Заев.
Во исто време, дел од медиумите пренесуваат Зоран Заев и Али Ахмети се блиску до договор да го номинираат Оливер Спасовски за нивни консензуален кандидат на претстојните претседателски избори.

– Според владини извори, имаше состанок меѓу Заев и Ахмети. Главна тема на разговорите е заедничкиот претседателски кандидат, при што Заев инсистирал тоа да биде неговиот човек од доверба Оливер Спасовски. Ахмети немал ништо против Спасовски, но сепак имал одредени предуслови кои треба да се исполнат за да може да му каже на партиското членство во Мала Речица да гласа за него. Главниот услов на Ахмети бил да се има цврст договор дека, доколку претседателски кандидат во 2019 е Спасовски, тогаш на изборите во 2024 кандидатот мора да биде Албанец, и СДСМ да мора да застане зад него. Според нашите извори Заев се согласил со Ахмети, но сепак побарал време да се консултира со раководството на СДСМ. Вториот услов на Ахмети бил, ако Спасовски биде избран за претседател, позициите министер за одбрана и началник на Генералштабот да ги држат Албанци, пишува порталот “Минарепорт”.

Според порталот, Ахмети побарал идниот претседател воедно да го именува Фатмир Бесими како нов гувернер на Народната банка на Македонија.

Во петок ќе заседава Централниот одбор на партијата и веројатно ќе донесе одлука дали да се прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори, но ќе се разговара и за претседателските избори.

Неофицијално, во јавноста се свртеа неколку можни кандидати за претседателски кандидат на владејачката коалиција – Шеќеринска, Димитров, Спасовски, Пендаровски, професорот Денко Малески како консензуален кандидат и предлог на ДУИ. Дел од медиумите пренесуваат дека и пратеникот Мухамед Зекири е дел од анкетите кои се прават во владејачката коалиција.

Освен Ѓорчев, како адути на опозицијата се споменуваа и имињата на поранешниот министер за финансии Трајко Славевски, како и професорите Тања Каракамишева и Саво Климовски.

Претседателските избори треба да се распишат на 8 февруари за да се одржат на 21 април.