Mandatory Credit: Photo by John Edward Linden / Arcaid / Rex Features ( 633612a ) EUROPEAN COURT OF HUMAN RIGHTS, STRASBOURG, 1989 - 1995. STRASBURG, FRANCE ARCHITECTURE STOCK

Сериозни прекршувања на човековите права на Македонците преку договори кои задираат во идентитетските работи се причина за бројни реакции на македонските здруженија, интелектуалци, академици, македонисти… Дел од нив сметаат дека со промената на името започна разнебитувањето на македонските народ и држава. Македонското Меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) неодамна започна уште еден процес за оспорување на преименувањето на Македонија пред Европскиот суд за човекови права, овој пат во соработка со Тања Каракамишева-Јовановска, професор по македонско уставно право, која за весникот ВЕЧЕР информираше дека се очекува потврда од Судот за прифаќање на апликацијата.

Врз Македонците беа извршени сериозни прекршувања на човековите права во пресрет и како резултат на принудната промена на името, која илегално ни беше наметната од режимот во Македонија со „Преспанскиот договор”. Овие прекршувања продолжуваат да се шират експоненцијално. Илегалното и принудно менување на името суштински крши голем број конвенции за човековите права кои се ратификувани во државава, е во директна спротивност со македонското и со меѓународното право, со македонскиот Устав, собраниските правила и процедури и оттаму е невалидно. Дополнително, илегалното менување на името е директен резултат на општо кршење на човековите права на Македонците и оттаму, ММДЧП и професорката Каракамишева бараат тоа да биде поништено и да биде вратено името на Македонија.

Професорката Каракамишева-Јовановска посочува дека мотив за дејствување за секое разумно човечко битие се човековите права и потребата за нивно постојано и упорно промовирање и заштита.

– Кога индивидуалните или колективните човекови права се брутално кршени, најприродна човечка реакција е да се ангажираме за нивна безрезервна заштита. Оттаму, светот треба да разбере дека ние, Македонците, никогаш нема да се откажеме од нашиот македонски идентитет, од македонскиот јазик, од нашите историја и цивилизација, од нашите минато, сегашност и иднина. Во време кога постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик безобразно се негира од европските институции и од европски држави, ние немаме друг избор, освен да го изразиме нашиот отпор преку овие постапки и гласно да протестираме против овој културолошки геноцид. Во 21 век, не е дозволиво да се менува идентитетот на една нација само затоа што тоа ѝ текнало да го бара соседната нација. Ја повикуваме меѓународната заедница да го брани нашето право да бидеме тоа што сме – Македонци од Македонија – истакнува проф. Каракамишева-Јовановска.

Трајче Торов, адвокат ангажиран од ММДЧП и од Каракамишева-Јовановска за овој случај, а кој работи со ММДЧП и на други случаи пред Европскиот суд за човекови права, смета дека принудното менување на името, исто така, предизвика принудно менување на идентитетот на сите Македонци.

– За личност која живее во Република Македонија, како за Каракамишева-Јовановска, се работи за принудно менување на нејзиниот идентитет во личните документи, цензура на мислата како автор, писател и образовен работник, длабоко негативен удар врз светогледот на нејзините деца, цензурирање на нејзините учебници, промена на наставната програма за да се сузбие какво било изразување на македонскиот идентитет, отстранување и сквернавење на македонските културни и историски споменици, ограничување на употребата на македонскиот јазик и интензивен странски интервенционизам за да се спроведе оваа забрана на изразување на македонскиот идентитет и правото на самоопределување. Каракамишева-Јовановска првин побара заштита пред домашниот Уставен суд, но поради јасното отсуство на непристрасност и независност во однос на режимот, нејзиниот случај беше експресно отфрлен. Затоа поведовме процес пред Европскиот суд за човекови права. Се надеваме дека ЕСЧП ќе ги заштити нејзините човекови права и ќе го запре културолошкиот геноцид врз Македонците“ – рече адвокатот Торов.

И претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев е согласен дека Преспанскиот договор, заедно со Договорот за добрососедство со Бугарија, како и вториот Протокол меѓу владите на Македонија и Бугарија водат кон разнебитување на Македонците и македонската држава.

– Во тој контекст, сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонизмот, а такви се и Договорот со Бугарија и Преспанската спогодба, претставуваат извор на сите наши витални проблеми и значат разнебитување на Македонија. Тоа, пак, води до констатацијата дека ако не ги раскинеме двата документа, Македонците ќе исчезнат, а во ЕУ ќе влезе Македонија, но не и Македонците – заклучува првиот човек на МАНУ, академик Коцарев.

(И.С.)