Дали САД се во право дека Европа е пред нова војна?

876

Соочени со една од најсериозните безбедносни кризи во светот уште од времето на Студената војна како кубанската од 1962 година, официјален Вашингтон и повеќе американски медиуми веќе со месеци гласно алармираат дека руското воено натрупување на границата со Украина е увертира за „потенцијално неминовна“ голема војна во Европа.

Претседателот на САД Џо Бајден, во уште еден телефонски разговор со неговиот украински колега Владимир Зеленски минатата недела предупреди дека Русија може да изврши инвазија на земјата до средината на февруари. Тоа може да се случи „практичо во секој момент“ посочи пред тоа со сериозен израз на лицето државниот секретар Ентони Блинкен, во еден од неговите бројни „кризни“ прес брифинзи на тема Украина.

Еден факт наведува на помислата дека Американците можеби се во право за разгорување нова војна во Европа поради Украина. Сомнителното отсуство во јавност на Џејк Саливан, советникот за национална безбедност на Бајден, кој се сметаше за главен претставник во Администрацијата за умерена политика кон Москва и избегнување чекори што во Кремљ би можеле да се протолкуваат како провокоција. Наспроти јастребите околу Блинкен предводени од Викторија Нуланд.

Ставањето во „зголемена готовност“ на 8.500 американски војници како поткрепа за над 30.000 воени сили за брза реакција на НАТО во Источна Европа, покажа дека „умереното крило“ во Белата куќа претрпе пораз (а победи Блинкен), и дека сега се води тврда политика кон Москва – со најави за вооружување на Украинците со деструктивно и недеструктивно одбранбено оружје, со нови „санкции од пеколот“ за Русија и со можно распоредување на дополнителни американски сили во регионот, поблиску до границите со Русија.

Раздвижени НАТО сили во Европа – Холандија испраќа ловци во Бугарија, Франција понуди свои војници во Романија, САД нудат 8.500 трупи за распоредување во Исочна Европа, Данска испраќа фрегата во Балтичкото Море. Сето ова е во спротивност на руските барање за безбедносни гаранции испратени до САД и НАТО во декември. Колку и да сакал рускиот претседател Владимир Путин да го спречи „ширењето“ на НАТО, со биење на фанфарите на војната сето тоа сега тоа му се враќа како бумеранг, велат овдешните аналтичари.

Во Европа, сепак, и понатаму е мирно.

Главните земји членки на ЕУ, Франција и Германија, која зазеде неутрална позиција во ова геостратешко политичко ѕвечкање меѓу САД и Русија околу Украина, не се возбудуваат премногу. И покрај целата разузнавачка мрежа и силната дипломатиска активност со напорите да се постигна обединет фронт со соузниците во Европа за жестоки санкции, дали навистина нема доволно експерти и познавачи на состојбите во и околу Русија кои во САД би можеле да кажат дека работите не се толку црно-бели?

Војна во Еврпоа, по сѐ изгледа, нема да има.

Сигурно не поради „топењето на замрзнатото украинско тло што со доаѓањето на пролетта ќе се претвори во каллив предел“ па руските тенкови би станале бесполезни,

како што пренесе АП. Уште помалку пак поради способноста на Зеленски, кој, патем, пред да стане претседател, настапуваше во серијали снимани на чист литературен руски јазик.

Во Украина, впрочем, досега се нема случено никаков посериозен инцидент. Невообичаено мирно е во конфликтниот регион Донбас, уште помирно е на Крим, каде во 2014 година, во успешен обид за анексија, од никаде се појавија “малите зелени човечиња“ и без испукан куршум го зазедоа полуостровот.

Во што е тогаш работата? Зошто Путин крена таква врева и троши огромни ресурси за префралње од Далечниот Исток и Север на војска, ракетни системи, опрема, па и медицински персонал од голема магнитуда на границата со Украина? Дали навистина се спрема напад на земјата?

Во текот на своето владеење рускиот претседател прифати и потоа се приспособи на една амбициозна агенда водена од идејата за руската посебност (ексепционализам). Тоа е една конзревативна идеологија за древноста и исклучителноста на руската култура која што потекнува од славјанофилското учење од 19 век. Славјанофилите верувале во мистиката на руската душа и во тоа дека Русија судбински припаѓа на Евроазија, а не на Запад или Европа.

Цитат од Николај Данилевски, еден од повеќемината автори од таа интелектуална школа застапени во библиотеката на Кремљ (како историчарите и филозофите Николај Бердјаев, Владимир Соловјов и Иван Иљин). „Нам Европа не само што ни е нешто туѓо, туку и непријателско, не само што нејзините интереси не можат да бидат наши интереси, туку, во најголема мера, тие се директно спротивставени.“

Конзервативниот систем на вредности како таков во руското модерно општество е во зачеток, искрените руски конзервативци можат да им заводуваат на американските од „добрата стара партија“ (GOP). Доколку конзервативизам значи традиционално семејство и стабилност, руските политички лидери (и олигарси) даваат лош пример. Многумина од нив, како поранешниот спикер во Горниот дом на Думата и депутат, Сергеј Миронов, градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, па и самиот Путин, ги раскинаа децениските бракови и влегуваат во љубовни врски и бракови со дваесетина години од нив помлади жени. Таквото однесување, всушност, е стил на живот достоен за либерална Европа. Така што, во овој поглед руската елита противречи на јавно искажаниот дискурс.

Но, да се вратиме на Украина. За Путин, оваа земја отсекогаш била дел од руската сфера на влијание. Идејата за зоздавање бесцарински сојуз или Евроазиска унија, како пандан на Европската Унија, би било бесмислено без вклучувањето на Ukraina во тој наднационален ентитет. За ова се има сложено и таков авторитет како Збигњев Бжезински. Ако се исклучат балтичките земји, кои културно никогаш не гравитирале во руската орбита, Белорусија, Украина, Кавказ и Централна Азија, предводена од Казахстан, секогаш биле неоткинлив дел од империјата.

Официјалните податоци говорат дека 17-20 отсто од населението во Украина се Руси. Речиси сите Украинци, или околу 90 отсто, зборуваат и разбираат руски јазик. За официјалната политика на Москва, Русите по род, или Рускии, се еднакви со Росијани – народите како Украинци, Татари, Чеченци, Козаци, Ерменци, па и руските Евреи. Сите тие се етнички Росијани бидејќи ја прифатиле големата култура и јазик и припаѓаат на таа социјално-културна сфера.

На тоа посочи и самиот Путин во неговиот нашироко коментиран есеј објавен летоска, кој во суштина е идеолошки памфлет за руската припадност на Украина.

Оттука, се поставува прашањето зошто баш сега се дигаат тензии и постои напнатост меѓу Русија и Западот? Акумулацијата на руска војска на границата би можело да се случи во кој и да било момент од 2014 наваму. Руската армија го врати својот улед на моќна сила уште пред заземањето на Крим.

Одговорот е во референдумот за уставни промени во Белорусија закажан за 27 февруари.

Ако биде изгласан, а тоа е 100 отсто сигурно при тотално зависен режим на Минск од Москва, ранливата позиција на диктаторот Александар Лукашенко се официјализира во намесник на Кремљ со власт помала и од еден гувернер на област, а гарнизон руски ракетни системи, оружје и војници се стационираат во земјата не неодреден временски приод.

Внимението во САД е премногу е насочено кон Украина а во суштина Путин ја добива Белорусија на тацна. Никој во Вашингтон не сака да признае (Париз и Берлин пак воопшто не ги засега) дека со овој референдум Белорусија фактички се припојува кон Русија.

Конечно, ова најверокатно и ќе остане како преќутен договор меѓу двете страни да не се изврши никаква инвазија на Украина, и некаде пред или по крајот на Зимскиоте олимписки игри оранизирани од Пекинг, Москва да ја деескалира ситуацијата.