Дали Резолуцијата ќе се сопне на кратенката „РС”?! 

Собранискиот спикер истакна дека Резолуцијата ќе се најде на дневен ред во Парламентот само доколку ги исполнува условите

207

Дали постои коалициски договор меѓу СДСМ и ДУИ за Резолуцијата за црвените линии во спорот со Бугарија која ВМРО-ДПМНЕ ја достави до Собранието? СДСМ ја прифаќа Резолуцијата без забелешки додека, пак, ДУИ смета дека треба да има политички консензус. Резолуцијата, освен СДСМ, веќе ја прифатија и ЛДП, Демократскиот сојуз и ДОМ. Алијансата за Албанците и Алтернатива два дена најавуваат дека ќе излезат со официјален партиски став, но тоа и вчера до затворањето на весникот не се случи.

ВМРО-ДПМНЕ до Собранието ја поднесе Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во евроинтеграциите и блокадите што се наметнуваат, адресирана до претседателот на Собранието на Република С. Македонија, со што се наведува и кратенката на уставното име на државата. Ова има за цел да се избегне можноста парламентарниот спикер Талат Џафери повторно да им го врати како невалиден документ. Но, дали кратенката РС ќе биде причина за собранискиот спикер да одлучи да не го прими како валиден документот, ќе се види наскоро.

Џафери, во телевизиско интервју, истакна дека Резолуцијата ќе се најде на дневен ред во Парламентот само доколку ги исполнува условите, но додаде дека документот сè уште не го примил.

-Основ за мене е тоа што ќе го примам во соодветна процедура како официјален документ, а не во медиуми. За мене официјално е кога ќе го добијам на маса, и според Деловникот ќе дадам став, истакна Џафери.

Претходно, министерот за надворешни работи, Бујар Османи изјави дека не го гледа проблемот во содржината туку во форма на усвојување на Резолуцијата без консензус на политичките партии.

-Важно е иницијативата во Собранието да биде одобрена со консензус, затоа што работевме напорно во овој период да изградиме државен став во однос на овие чувствителни прашања кои имаат елементи на етнички позиции, рече во телевизиско интервју министерот Османи. На прашањето зошто гледа етничка позиција, тој рече дека неговата реакција е да му каже на Собранието дека Резолуцијата не треба да биде донесена во Собранието, освен ако не постои претходно договорен консензус меѓу политичките партии од сите етнички заедници.

-Мојот апел беше разбран од предлагачите, но и од другите политички партии кои започнаа поактивна посветеност да се постигне тој консензус во однос на текстот и јас сум задоволен што политичките партии, вклучително и мојата партија, веќе комуницираат за тоа, рече тој.

Тој информираше дека доколку се постигне договор, ДУИ ќе ја поддржи Резолуцијата, но како министер за надворешни работи смета дека позицијата на сите фактори ќе биде поверодостојна доколку се одржи консензус за овие прашања.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски очекува сите парламентарни политички партии да ја поддржат Резолуцијата без разлика, како што рече, дали се ДУИ, Алијанса, Алтернатива, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица или коалициските партнери.

-Оваа резолуција ги содржи македонските црвени линии и затоа е потребно да застанеме во интересите на Македонија, изјави во интервју за Алфа телевизија. Резолуцијата не е на ВМРО-ДПМНЕ туку тоа е заеднички документ кој го дадоа МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА Јустинијана прима и партијата намерно не интервенираше во содржината за да има автентичност тој документ и да биде семакедонска резолуција, изјави Мицкоски појаснувајќи дека под семакедонска не мисли само на македонскиот народ туку на македонската нација, сите кои се жители во Македонија.

Во однос на негодувањата зошто не биле други етнички заедници застапени, Мицкоски вели дека оваа Резолуција е ваква затоа што никој не го спори идентитетот на албанскиот народ, на турскиот, српскиот, туку само на македонскиот. (Е.А.)