Дали последниот предлог од Владата ќе го прекине штрајкот: Или 2.500 денари на плата или без плата?

722

Започна втората работна недела во која учениците нема да бидат во училишните клупи, а децата нема да се згрижуваат во градинките низ целата држава заради штрајкот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, кој продолжува. Од Владата им порачаа  дека на тие што штрајкуваат  ќе им се исплатат само придонесите на платите. Од СОНК, пак, велат дека има притисоци врз штрајкувачите, тие се засилуваат, но тоа нема да ги поколеба. Советот на СОНК  одлучи да не го прифати предлогот на Владата за 10% покачување на платите или во просек по 2.500 денари,  со кој би се прекинал штрајкот започнат на 11 април. До затворањето на весникот, од СОНК немаше одговор дали тоа што ќе останат без плата, ќе смени нешто во поглед на нивната последна одлука

Започна втората работна недела во која учениците нема да бидат во училишните клупи, а децата нема да се згрижуваат во градинките низ целата држава заради штрајкот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура кој продолжува. Од Владата велат дека на вработените кои штрајкуваат во градинките и училиштата ќе им се исплатат само придонесите на платите. Од СОНК, пак, велат дека има притисоци врз штрајкувачите, тие се засилуваат, но тоа нема да ги поколеба. Советот на СОНК  одлучи да не го прифати предлогот на Владата за 10% покачување на платите со кој би се прекинал штрајкот започнат на 11 април. „Со одбивањето на понудата за покачување на платите од 10%, СОНК реши да продолжи со уцени кои се единствено на штета на образованието на учениците и им го отежнува секојдневието на родителите“, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот фејсбук-профил. За министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, пак, предлогот за 10% зголемување на платите е добар, СОНК треба да го прифати, а наставниците, професорите, негувателите и воспитувачите да се вратат на работа во интерес на децата, нивното згрижување и образование. Во меѓувреме се зголемува загриженоста на родителите што децата не одат во градинка и во училиште и оваа недела. Притисокот особено е голем во градинките, бидејќи сè поголем број родители немаат каде да ги оставаат своите деца и имаат потреба од нивно згрижување. Според Тренчевска, во оние општини каде што има затворени објекти, каде што има поголем број воспитувачи и негуватели кои штрајкуваат, градоначалниците треба да обезбедат заменските воспитувачи и негуватели за да можат родителите да се вратат на работа, а децата да се згрижат во градинките.

Како што посочуваат од Владата, согласно Законот за работни односи и Колективниот договор за основно и средно образование, и за вработените во јавните установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, на вработените кои штрајкуваат ќе им се исплатат само придонесите на платите. Ова, според Владата, произлегува од одлуката на СОНК да организира и одржува генерален штрајк за унапредување на правата на работниците, а во периодот од шест месеци од донесувањето, односно зголемувањето на минималната плата. Законската обврска за усогласувањето е шест месеци од донесувањето, односно зголемувањето на минималната плата и Владата, а министерствата и СОНК сè уште преговараат во овој законски предвиден рок.

Како што додава премиерот, Владата прави сериозни напори за да се избори со кризата, да ги амортизира поскапувањата и да обезбеди достоинствен живот за граѓаните, пред сè за најранливите. „И во вакви тешки услови на светска криза, ние сме веројатно единствената Влада која овозможи историско зголемување на платите и пензиите и силно финансиски ги поддржа граѓаните. И покрај сè, СОНК смета дека покачувањето на платите од 2.500 денари е малку. Ова едноставно не може да се смета за разумен став туку за очигледен притисок со што е евидентно дека СОНК личните интереси го става пред оние на децата“, објави Ковачевски. Премиерот, воедно, потсети дека од 2017 до денес платите во образованието се покачени за 21%. „Со овие дополнителни 10% тоа би биле 31% покачување кои за СОНК во услови на светска економска криза не се доволно. Владата прави сè што треба за да го одржи дијалогот и да најде заеднички јазик, но барањата и односот на СОНК се целосно неприфатливи. Местото на децата е во училиштата и во оваа ситуација единствено СОНК и раководството се одговорни за тоа што тие не го остваруваат правото на образование“, истакна на ФБ премиерот Ковачевски.

Од партијата ВМРО-ДПМНЕ, пак, порачаа Владата да не ги понижува наставниците и да ги исполни барањата на СОНК. „Ковачевски наместо да им се заканува на СОНК, да ги исполни нивните барања. Наставниците се еден од столбовите на општеството. Платите во образованието мора да се зголемат. Владата да изврши нивелирање на коефициентот на сложеност на работните места во образованието. Платата на еден наставник е далеку помала од синдикалната кошничка. Владата вели дека дава покачување на платите од 10%, во ситуација кога млекото се покачи за над 80%, маслото за над 110%, горивата за над 70%, струјата за над 30%. Трошоците за живот се екстремно покачени, а Bладата ги понижува наставниците со 10% предлог за покачување“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

По одбивањето на понудата од Владата, пак, претседателот на СОНК Јаким Неделков, истакна дека зголемувањето на платите од 10 % во детска заштита, основно и средно образование воопшто не кореспондира со висината на зголемување на минималната плата оваа година и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата. СОНК бара зголемување на платите за 18,4 проценти и нивно усогласување со минималецот. Според Неделков, учениците нема да бидат скратени од можноста да надоместат за тоа што сега го имаат изгубено во тек на штрајкот. Предвидена е, појасни, скратена наставна програма со која наставната содржина ќе се реализира во целост во позбиена форма или со поголема динамика. „Досега наставниците имаат изгубено, зависи кој наставен предмет, еден, два или три, евентуално пет наставни часа ако е математика или јазик, меѓутоа секој од наставниците знаат како тоа да го надоместат“, појасни Неделков. Како што рече тој, Советот на СОНК е подготвен да има интензивни и рационални преговори со Владата на кои би се усогласиле спорните прашања и би се потпишала спогодба, како би можело во најкраток можен рок да продолжи воспитно-образовниот процес.

Дали најавите и предлозите од Владата, но и притисоците врз штрајкувачите ќе ги премислат членовите на СОНК за прекин на штрајкот, останува да видиме.