Дали Павлопулос ќе го скрши мразот со Пендаровски?

123

Ниту од законодавниот дом ниту од МНР не откриваат дали грчкиот претседател Прокопис Павлопулос в недела ќе допатува во земјава за инаугурацијата на неговиот колега. Конзервативецот Павлопулос е познат по неговите остри ставови за земјава и редовните обвинувања за иредентизам, но, доколку со потпишувањето на Договорот од Преспа и промената на името климата е поблагопријатна, би можело да се очекува и тој позитивно да одговори на поканата за инаугурација на Пендаровски

 

Бугарскиот претседател Румен Радев, албанскиот Илир Мета и косовскиот Хашим Тачи, в петокот први го потврдија своето присуство на инаугурацијата в недела на новоизбраниот претседател на земјава, Стево Пендаровски. Присутни ќе бидат и заменик премиерот на Турција и делегација од Словенија, од каде што се очекува одговор дали нивната делегација ќе ја предводи лично претседателот Борут Пахор.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во петокот истакна дека роковите истекуваат, но оти Собранието ги има подготвено техничките детали за седницата навреме, иако не прецизира како се испратени поканите за седницата без претходно Пендаровски да го добие уверението од ДИК.
– Сметам дека сè ќе се одвива според предвиденото, рече Џафери во изјава за МИА.

Од Министерството за надворешни работи за весникот „Вечер“ вчера потврдија дека поканите за инаугурацијата се испратени, но, не соопштија кои од гостите го потврдиле присуството.

-На седницата на Собранието, на која претседателот Пендаровски ќе даде свечена изјава, поканети се државни претставници од регионот, како и од земјите членки на ЕУ и НАТО. Исто така, поканет е и дипломатскиот кор во државата, и претставници на други меѓународни институции со седишта во Северна Македонија, велат од МНР во изјава за весникот „Вечер“.

Ниту од законодавниот дом, ниту од МНР не откриваат дали грчкиот претседател Прокопис Павлопулос ќе го скрши мразот со инаугурацијата на новоизбраниот негов колега во Северна Македонија, Стево Пендаровски, и Павлопулос ќе допатува во земјава во недела? Конзервативецот Павлопулос е познат по неговите остри ставови за земјава и редовните обвинувања за иредентизам, особено од 2015 година, откако стана грчки претседател, но, доколку со потпишувањето на Договорот од Преспа и промената на името, климата е поблагопријатна, би можело да се очекува и тој позитивно да одговори на поканата за инаугурација на Пендаровски.

Со или без присуство на грчкиот претседател, на специјалната собраниска седница в недела, Пендаровски ќе ја даде свечената изјава, по која ќе му почне и петгодишниот мандат. Според досегашната практика, од Собранието Пендаровски ќе се упати во „Вила Водно“, каде што на кратка церемонија, неговиот претходник ќе му ја предаде функцијата.

Најавата беше дека Џафери ќе ја закаже инаугуративната седница за недела напладне. За тоа дали пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на инаугуративната седница, Џафери вели дека нема причина тие да не дојдат.
– Изборите беа како што беа, и од политички аспект мислам дека нема причина да не присуствуваат на седницата, вели тој нагласувајќи дека тој информацијата до сите пратеници ќе ја испрати навреме.
Џафери информира дека на 16 мај, четврток, ќе биде закажана седница за прегласување на неколку закони што не беа потпишани од сè уште актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов, а беа донесени на 24 април. На оваа седница на дневен ред ќе бидат и закони во второ читање. Исто така на 16 мај ќе биде закажано продолжение на 91 и 94 седница, на кои на дневен ред се закони кои треба да се прегласаат или не биле гласани. За 20 мај ќе биде закажана нова редовна пленарна седница со материјали кои се пристигнати во Собранието за време на претседателската кампања.

Во изјава за весникот ВЕЧЕР, собранискиот спикер Талат Џафери веќе потенцираше дека седница в недела ќе има, без оглед кога Пендаровски ќе го добие уверението од ДИК.

-Седница мора да има, в недела е последен ден од мандатот на Иванов и не смее да се случи пауза. Седница ќе закажам в недела, макар уверението стигнало во сабота или во недела претпладне, изјави Џафери.

Од Собранието брифираа дека тие ќе го поканат да присуствува и поранешниот, единствено жив претседател Бранко Црвенковски.

Претседателот во заминување, пак, Ѓорге Иванов, вчера побара средства за канцеларии за неговиот иден кабинет.

Од Службата за општи и заеднички работи потврдија дека Кабинетот на Иванов побарал од владината Служба да му бидат доделени канцеларии што ќе ги користи по престанокот на функцијата и велат дека писменото барањето од Иванов ќе биде одобрено. Станува збор за канцелариски простор во зграда на булевар „Србија” во Аеродром што досегашниот шеф на државата веќе го нашол и бара да биде склучен договор за негово изнајмување.

Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, тој има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.