Дали Павле ќе ја легализира марихуаната во Македонија?!

200

Пратеничката група на ЛДП ќе иницира закон за легализација на марихуаната за општа употреба. Од владејачкото мнозинство негираат дека  иницијативата е поврзана со последниот скандал со пратеникот Павле Богоевски, велат ова законско решение го иницирале со цел сите во општеството да имаат еднаков пристап.

Во исто време, коментарите на социјалните мрежи не стивнуваат, а јавноста бара одговорност и оставка од пратеникот Богоевски, откако по објавената снимка од телефонски разговор, тој јавно призна дека на црно купувал масло од канабис. Според неофицијални информации кои ги пренесоа дел од медиумите, од Обвинителство одбиле да му земат исказ на Богоевски и да покренат постапка, бидејќи сметаат дека нема кривично дело во случајот.

Неизвесно е дали пратеникот ќе поднесе оставка од морални причини, но собранискиот спикер Талат Џафери вели дека нема уставна ниту деловничка основа да покрене постапка во случајот со пратеникот Павле Богоевски и очекува ефикасно постапување на надлежните институции за целосно расчистување на случајот.

Од Владата, пак, за случајот со пратеникот Павле Богоевски упатуваат дека одговорите треба да се бараат во Собранието, бидејќи во нивна надлежност се прашања или случувања кои се однесуваат на одговорноста на владини функционери.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска, пред Собранието остави метла и му порача на премиерот Зоран Заев да не се мисли и да почне да мете од пратеникот Павле Богоевски, поради објавената снимка на која се слуша неговиот глас и се поврзува со психотропни супстанции.

-Богоевски треба да одговори од каде вршел набавка, дали ја препродавал дрогата и колку време е корисник на наркосупстанции. Доколку е чист, уште вчера требаше да направи тест за дроги. Ги повикуваме надлежните институции и ОЈО да покрене постапка и да го затвори случајот, а Заев веднаш да се фати за метлата. Ако нема, еве ние му оставаме една пред Собрание“, изјави Стојановска.

На пратеникот Павле Богоевски му се заканува минимум една година затворска казна со тоа што потврди дека му овозможил на друг да користи дрога. Според адвокатот, Александар Тортевски, обвинителството има основ да покрене постапка со тоа што Богоевски призна дека набавувал масло од канабис. Во изјава за „Фокус“, адвокатот вели дека Богоевски непромислено избрзал со признанието, поради што сега ќе мора да понесе одговорност.

-Да не истрчаше со статусот, не ќе можеа ништо да докажат против него. Сепак, Павле излезе храбро и, оправдано или не, соопшти во јавноста дека врши кривично дело. Во ваква ситуација да се најдеше мој клиент, немаше да го осудат. Павле можеше да рече дека се работи за пола јагне, или за пола прасе. Тој не зборува за грамови туку само вели „пола“ и „спреми го добро“ – вели Тортевски.

На руската мрежа „Вконтакте” на профилот „Илија Громовник” пред неколку дена  беше објавена аудиоснимка за која се наведува дека е гласот на пратеникот Павле Богоевски кој според разговорот е снимен како нарачува кокаин. Пратеникот Богоевски потврди дека тоа е неговиот глас, но кажа дека не нарачувал кокаин туку масло од канабис. За неовластеното прислушување и тонско снимање, предвидено со член 151 од Кривичниот законик, тој во ПС Центар поднесе пријава и рече дека очекува сторителот да биде изведен пред правдата. Се пријави и самиот себеси во одделот за борба со недозволена трговија и шверц затоа што нарачувал масло од канабис, но вели тоа го направил за блиско лице за медицински цели, а не за пуштање во продажба.

Министерството за внатрешни работи информираше дека ги презема сите мерки за расветлување на случајот со незаконското снимање на телефонскиот разговор на пратеникот Павле Богоевски.