Дали од утре го менуваме животот без пластични кеси?  

445

Од утре пластичните кеси се забрануваат со закон. Во нашата држава забраната се воведува вторпат, но дали тоа, во практиката, ќе значи дека популарните најлончиња ќе ги нема повеќе на пазарот.

Од Иницијативата за забрана на пластични кеси велат дека најлончињата беа забранети со закон и во 2012 година, но со подзаконски акт, спротивен на законот, таа забрана стана неважечка и овозможи тие да се користат и понатаму. Поточно, со важечкиот Правилник за биоразградливост на Министерството за животна средина се овозможи и понатаму во промет да се пуштаат оксоразградливи пластични кеси што, веројатно, сè уште поштетни од обичните.

Дали со новиот закон се забрануваат сите пластични кеси?

Со Член 10 (1) од Законот за управување со пакување и отпад од пакување, недвосмислено се забранува пуштањето на пластични кеси за носење на стоки на македонскиот пазар, не правејќи исклучок за оксоразградливите полиетиленски кеси. Оттука, сите пластични кеси (и обичните и оксоразградливите) се забранети со закон и противзаконски е доколку останат во промет по 1 декември 2021 година.

– Кесите што ќе можат да се купуваат по цена од 15 денари, според член. 10 (3) од Законот, мора да бидат биоразградливи. Каков стандард за биоразградливост ќе се пропише, зависи од Министерството за животна средина. Пред девет години, иако и тогаш со закон беа забранети пластичните кеси, Министерството донесе Правилник за стандардите за биоразградливост со кој дозволи широко изземање од одредбата за пуштање исклучиво биоразградливи кеси на пазарот. На тој начин, законот беше девалвиран, а Македонија беше преплавена со ѓубре од пластични кеси – објаснуваат од Иницијативата за забрана на пластични кеси.

Со оглед дека ова е втора законска забрана на пластичните кеси, по таа од 2012 година, од Иницијативата прашуваат дали Министерството повторно ќе го девалвира законот и ќе ги протне преку правилник оксоразградливите пластични кеси како биоразградливи, или ќе го следи примерот на ЕУ каде што таквата пластика веќе е забранета?

Од Министерството за животна средина појаснуваат дека по исклучок од ставот (1) на овој член, со плаќање на надоместок од страна на крајните корисници, дозволено е пуштање на пазарот биоразградливи кеси за носење на стоки кои се произведени во согласност со пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки (чија дебелина е помала од 15 микрони).

 Колкаво количество пластични кеси трошат македонските граѓани годишно?

Според последните податоци од Заводот за статистика, во 2020 година се произведени 5.037 тони вреќи и кеси од пластични маси. Тоа е зголемено производство од 65 проценти во однос на 2010 година. Колку е тоа шокантно многу, најдобро се гледа ако овие податоци се дадат на дневна основа. Пет илјади тони пластични кеси значи дека секој ден, или 365 дена во годината во нашата земја се произведувале по 14 тони пластични кеси.

– Кај нас, огромно количество пластични кеси се произведува, ама и се троши! Според податоците од индустријата, на годишно ниво македонските граѓани користат од 120 до 150 милиони пластични кеси. Иако оваа бројка е прилично висока, во реалноста таа веројатно е многу повисока. Според некои други податоци, во нашата земја секоја година се користат половина милијарда пластични кеси. Ако, пак, се земе предвид податокот дека, просечно, секој жител на Македонија дневно користи по 2,15 пластични кеси, тогаш се доаѓа до застрашувачкиот податок дека во нашата земја се користат преку милијарда пластични кеси годишно. Огромен дел од нив се гори на депониите или ја загадува природата – потенцираат од Иницијативата за забрана на пластични кеси.

Како ќе пазариме? Како ќе го фрламе ѓубрето?

Исфрлањето од употреба на пластичните кеси ќе ги смени нашите секојдневни навики. Од Иницијативата потсетуваат дека пазарењето без пластични кеси не е новост.

– Мерењето на намирниците и нивното носење до дома без пластични кеси успешно функционирало со децении. Зошто, на пазар или во маркет, за размерување би користеле пластични кеси и садови за една употреба кога за нив постојат реупотребливи алтернативи, како торби (платнени и мрежести), кутии и тегли што се трајни? Или зошто, секогаш кога е можно, не би ги заобиколиле целосно, па од кантар – директно во кошница или торба?! Ако некому ова му звучи како враќање светлосни години наназад, не е така. Според Европската (СУП)-Директива од 2019 година се препорачува токму тоа – превенција на создавањето отпад преку замена на сите еднократни пластични предмети со реупотребливи. Реупотребата е повеќе од нужност, таа станува начин на живот – истакнуваат од Иницијативата.

Според нив, можеби се чини дека поголем предизвик ќе биде фрлањето на ѓубре. Сепак, може да се пофалиме дека селектирањето веќе ни станува усвоена практика – а тоа е и наша законска обврска како крајни корисници и граѓани.

– Мора да се насочиме кон разумно купување и создавање помалку ѓубре, наместо кон санирање на последиците од лошите практики. Намалениот и селектиран цврст отпад како што се стаклото, лименките, пластиката и хартијата, дома може да го собираме и фрламе директно во кутии и канти што ќе ги користиме со години. Органскиот отпад, пак, може да се компостира и тоа станува сѐ поактуелно. Откако отпадот ќе се селектира и компостира, потребата од кеси станува многу помала. Но, навиките не се менуваат преку ноќ, па не е исклучено, по 1 декември, да дојде до зголемена побарувачка на кесите особено на оние наменети за ѓубре. Предлагаме и тие да бидат биоразградливи и сувенционирани со дел од средствата што се уплаќаат на наменската сметка на органот за животна средина. Без пластични кеси, сепак, се може – констатираат од Иницијативата.

Дали забраната дополнително ќе ги осиромаши социјално загрозените граѓани?

Сиромаштијата е сериозен проблем со кој се соочуваат значителен број граѓани. Од Иницијативата сметаат дека можно е забраната на пластичните кеси, како и натамошната продажба само на биоразградливите, негативно да се одрази на нивниот животен стандард.

– Тоа не смее да се потценува. Но, постоењето на сиромаштијата не смее да се користи како изговор за да се задржи статус-кво и да не се подигнат еколошките стандарди. Напротив, тоа мора да биде поттик за посериозен пристап кон решавање на проблемот со сиромаштијата. Заедно со воведувањето на забраната за пластичните кеси, општините и државата треба да спроведат и акција за доставување платнени торби за пазарување на сите граѓани кои се соочуваат со сиромаштија, со што ќе се спречат негативните последици по нивниот животен стандард. Борејќи се за повисоки еколошки стандарди, нашата Иницијатива ја поддржува и борбата за социјална правда. Треба да изградиме еколошки поодговорен и социјално поправеден свет – децидни се тие.

Дали ќе дојде до отпуштање на работниците во фабриките за пластика?

Секогаш кога газдите се соочуваат со опасност да им се намали профитот, кажуваат дека одредена мерка ќе ги принуди да отпуштат работници. Се разбира, оваа загриженост за работниците ја нема кога станува збор за правата на работниците или за висината на нивните плати.

– Индустријата за пластика не е трудово-интензивен сектор. Голем дел од производството е автоматизирано па, следствено, нема голем број работници кои работат во оваа индустрија. Ризикот да дојде до отпуштање на работници е дотолку помал, бидејќи во целиот приватен сектор постои преангажираност на работниците. Односно, еден работник врши работа за 1,5 работник, за двајца, па и за тројца. Намалувањето на обемот на производството нужно не мора да доведе до отпуштање работници, туку само до почитување на правилото еден работник да врши работа во обем соодветен за еден работник. Во случајов, загрозени ќе бидат само профитите на газдите – децидни се од Иницијативата.

Во ова, сметаат тие, државата не смее да стои настрана и преку своите социјални политики, треба да им понуди ново вработување и/или преквалификација за ново вработување на работниците кои евентуално ќе останат без работа.

– Буџетски средства за тоа можат да се обезбедат не само од буџетот за труд и социјална политика, туку и од буџетот за животна средина. Постои огромна разлика помеѓу приходите што државата ги собира по основ на заштита на животната средина и средствата што се издвојуваат за нејзината заштита. Исто така, потребните средства, како за оваа намена, така и за преориентирање на индустријата за пластика кон производство што нема да ја загрозува природата, можат да се обезбедат од приливот по однос на купување на биоразградливи кеси од страна на граѓаните – средства кои мора исклучиво да се користат за надминување на штетите врз природата – велат од Иницијативата за забрана на пластични кеси.

Од Министерството за животна средина потенцираат дека производителите на пластични кеси и понатаму ќе можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаниот стандард за биоразградливост. Оттаму напоменуваат дека стандардите за биоразградливост беа воведени уште во претходниот Закон, а пропишани во 2013 година.

Маркетите немаат обврска да мора да даваат хартиени кеси или други алтернативи

Сметаат дека забраната на пластика за еднократна употреба не само што ќе го намали загадувањето, туку и побарувачката за производство на пластика што придонесува за глобалните климатски промени.

– Но, покрај ваквото влијание, забраната има и културолошки ефекти. Компаниите ќе бидат принудени да иновираат, да обмислат нови дизајни и извори на одржливи материјали. Потрошувачите, пак, ќе го сменат начинот на размислување гледајќи на прекумерниот и непотребен отпад како на неодржливо решение – заклучуваат од Иницијативата.

Сепак, со законските решенија не е донесена обврска за маркетите да мора да даваат хартиени кеси или други алтернативи. Ова најверојатно ќе се регулира со правилник. За средствата од продадените биоразградливи кеси, трговците ќе мора да водат евиденција по квартали, а надоместоците ќе треба да ги уплаќаат на посебна сметка на органот за животна средина.

Од Иницијативата упатуваат отворена покана до сите истомисленици да помогнат да се издејствува Министерството за животна средина да донесе нов Правилник за биоразградливост кој навистина ќе ја штити животната средина.

– Придружете ни се, за да ја подигнеме свеста во јавноста дека се може без пластични кеси. Придружете ни се, за да ја продолжиме со здружени сили борбата против растечкото загадување од сите видови еднократна пластика – истакнуваат од Иницијативата.

Од Министерството за животна средина велат дека новиот правилник за стандардите за биоразградливост е донесен и се очекува неговото објавување во наредниот број на „Службен весник“, а до неговото стапување на сила важи постојниот Правилник.

 

 Од „спасители“ на природата до светска напаст

Во шеесеттите години на минатиот век и еколозите ги прифаќаат пластичните кеси како „спасители’’ на Мајката Природа зашто веќе не треба да се сечат дрвја, а нивното производство (навидум) остава помал еколошки отпечаток во споредба со производството на кеси од хартија и платно.

– Но ја превиделе штетата што ја прави пластиката откакао ќе се фрли, а пластичните кеси имаат исклучително краток век – велат од Иницијативата за забрана на пластични кеси.

Пронаоѓач на пластичните кеси е Стен Густаф Тулин од шведската компанија „Целопласт“ во 1959 година, а подоцна, во 1965 година, за својот пронајдок добиваат американски патент… и ХОРОРОТ започнува…

Од Иницијативата наведуваат уште еден парадокс – Шведска, земјата која ги измислува пластичните кеси, веќе две децении подоцна, од 1970-тите, стартува со програма за нивно рециклирање додека остатокот од светот сè уште е во еуфорија предизвикана од пронајдокот.

– Во екот на еуфоријата, пластичните кеси некому стануваат инспирација и муза, како што е случајот со режисетот Сам Мендес на култниот филм од 1999 „Американска убавина’’. Во една од најпознатите сцени, пластична кеса „танцува’’ на ветрот – велат од Иницијативата.

Производството, нормално и штетите, излегуваат од контрола, па извршниот директор за животна средина на ОН, Ахим Штајнер, во 2009 година ќе изјави дека пластичните кеси треба да се забранат зашто повеќе не постои никаква оправданост за нивно производство, никаде. Сепак, во некои држави, како Ирска и Кина, на пример, човек кој користи пластични кеси го гледаат како социјално неприфатлив.

– Така пластичните кеси почнуваат да го доживуваат својот пораз, од (своевремено) омилен и модерен предмет – се претвораат во светска напаст – заклучуваат од Иницијативата.

Светлана Блажевска