Дали оваа приказна има договорен крај?!

134

По скоро три години во фиока, Уставниот суд на дневен ред ја стави одлуката да се преиспита уставноста на актот со кој беше повлечена аболицијата на Иванов за 56 тогашни функционери. Конечната одлука ќе се знае за петнаесетина дена, во текот на декември.

Уставниот суд на седница во средата одлучи да поведе постапка по поднесената иницијатива за оценување на членот 11-а кој овозможува претседателот на државата да повлече веќе донесена одлука за помилување. Тоа практично би значело дека би се активирале масовните помилувања што ги даде поранешниот претседател Ѓорге Иванов за осомничени во постапките на СЈО, а потоа под притисок на јавноста ги повлече.

За одлуката гласале шестмина уставни судии, а против поведување постапка гласале судиите Сали Мурати, Осман Кадриу и Дарко Костадиновски.

Со мнозинство гласови, односно минимум 5, може да донесе одлука за укинување, или за поништување на тој член од законот. Во првата варијанта, појаснува за весникот ВЕЧЕР судија од Уставен суд, ќе нема правни последици за судските процеси против лицата за кои беше дадено, па повлечено помилувањето.

Доколку се донесе поништувачка одлука, ќе се поништат сите обвиненија, истраги и судски процеси што се поведени против 56-те лица кои беа амнестирани од претходниот претседател, Ѓорге Иванов, на 12 април 2016 година. Ќе се поништат веќе донесени пресуди, ќе се ослободат од кривичен прогон оние што се обвинети и осомничени, а може на крајот да побараат и обесштетување.

-Тоа ќе донесе хаос во судството и ќе значи уривање на темелите на правната држава. Ќе се ослободат од кривичен прогон оние што се обвинети и осомничени, а на крајот може да побараат и обесштетување, вели нашиот извор и потенцира дека судиите многу ретко се одлучуваат за вакви одлуки.

Не се исклучува можноста да се донесе одлука и за запирање на постапката, што значи дека ништо не би се сменило.

Сите знаеме на што е последица сегашното реагирање на Уставниот суд, вели поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.

Уставниот суд треба да сфати дека правната држава се гради преку принципот на владеење на правото и дека не треба да потпаѓа под влијание на какви било политички притисоци, да навлегува во линија да го руши принципот на владеење на правото, односно да ја руши самата правна држава. Иницијатива секој може да поднесе, меѓутоа за да се стави и да се даде легитимитет на таа иницијатива и уште повеќе да се поведе постапка, мислам дека тука се поаѓа од аспект да се заштити криминалот, да се заштитат криминалците, и дека е во функција да нема одговорност за криминалот, истакнува Ивановски.

Во законот за помилување членот 11 не беше спорен до 2009 година. Со законски измени, тогаш, беше избришан членот 11, а беа додадени и 4 кривични дела за кои не може да се даде помилување. По поднесена иницијатива во 2016 година Уставниот суд ги укина сите измени и дополнувања од 2009 година, и беше додаден нов член 11-а, со кој претседателот ја поништи аболицијата.
Ова е ситуација во која сите губат, освен личностите кои се дел од тој процес, кои биле аболирани од претседателот, затоа што штета ќе имаат сите, рече политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.Мислам дека попогрешна одлука во попогрешно време нема, рече Муслиу во врска со поднесената иницијатива.

-Мислам дека веќе поминавме низ овој процес. Во секој случај ова е многу политичко, политизирано прашање. Дали има политички договор меѓу страните тешко ми е да поверувам затоа што е работа што е штетна за сите учесници во политичкиот процес. На крај би бил штетен за сите, а кои се мотивите тоа ќе треба судиите сами да го кажат, истакна Муслиу.

Во исто време, министерката за правда Рената Дескоска побара од Владата да побара Собранието да спроведе автентично толкување на членот 11-а од Законот за амнестија откако Уставниот суд покрена иницијатива за преиспитување на овој член според кој претседателот на државата може да ја отповика дадената амнестија.
Пратениците Сашко Коцев и Диме Велковски од СДСМ во петокот попладнето до Собранието поднеле барање за автентично толкување на Членот 11 од Законот за помилување, потврдија собраниски извори.